Талески на распит во Кривичниот суд во Скопје за случајот „Транспортер“

Сподели

maxresdefault

Битолскиот градоначалник, Владимир Талески, претпладнево, околу 11 часот, се појави во Основниот суд Скопје 1, на распит пред судија на претходна постапка за случајот „Транспортер“.

Талески, како што јавува „Плусинфо“, во судот дошол со адвокатот Никола Додовски, кој е бранител на повеќето високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, за кои СЈО има отворено кривични постапки и беа на распит пред судија на претходна постапка.

Талески е првоосомничен во овој случај на Специјалното јавно обвинителство, а покрај него за злоупотреби со превозот на ученици во Битола осомничени се уште 21 лице.

Битолскиот градоначалник е дел од групата политичари и нивни соработници, за кои, по целосното поништување на аболицијата од страна на претседателот Ѓорге Иванов, СЈО побара да им бидат одредени мерки за обезбедување присуство, поради кривичните постапки што се отворени против нив.

Специјалното јавно обвинителство од судот бара на Талески да му биде одредена мерка притвор.

Во петокот минатата недела, на распит пред судија на претходна постапка беа поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, кои се осомничени за случајот „ТНТ“, односно за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски.

Судијата на осомничените не им одреди мерки на претпазливост, како што бараше СЈО. Оттаму најавија дека ќе поднесат жалба на оваа одлука пред Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1.

Талески на распит во Кривичниот суд во Скопје за случајот „Транспортер“