Во рамки на соработката помеѓу Министерствата за внатрешни работи на СР Германија и РС Македонија денеска амбасадорката Петра Дрекслер предаде дополнителна полициска опрема на Министерство за внатрешни работи на Република Северна Македонија, претставувано од директорот на Бирото за јавна безбедност, д-р Сашо Тасевски, при што во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи во Идризово, се спроведе официјална церемонија за примопредавање на опремата, на која соодветно беше презентирана донираната опрема.
Пред одржувањето на церемонијата се реализираше и билатерална средба помеѓу амбасадорката Петра Дрекслер и директорот на Бирото за јавна безбедност д-р Сашо Тасевски, на која беше разговарано за одличната оперативна соработка помеѓу полициите на двете земји, која се спроведува помеѓу соодветните служби во рамки на Бирото за јавна безбедност и Канцеларијата за врски на германската Сојузна полиција во рамки на Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје, како и за намерата за продолжување на поддршката од германска страна за Министерството за внатрешни работи во иднина.
Поддршката е со вкупна вредност од околу 210.000 евра и опремата е набавена од страна на Сојузната полиција. На Граничната полиција на Република Северна Македонија и се предаваат пет патролни возила, еден минибус, како и уреди за проверка на документи. Освен тоа, во Центарот за обука на МВР во Идризово со нов мебел и техника се опремени две училници за обуки.
Од 2020 година германската Сојузната полиција ги поддржува колегите од Република Северна Македонија со полициска опрема и тоа со вкупна вредност од преку два милиони евра.
Помошта во вид на опрема се реализира преку Канцеларијата за врски на германската Сојузната полиција во Скопје и со тоа се нуди поддршка на Гранична полиција на Република Северна Македонија уште поефикасно да се справи со предизвиците при сузбивањето на прекуграничниот криминал.