Театар “Златен Елец” со нова претстава за деца “Тајната книга на дедо”

Сподели

 

На 22 јануари, во недела, во 14:00 часот, во Јавна Соба, премиерно ќе биде одиграна новата театарска претстава за деца во продукција на театар Златен Елец „Тајната книга на дедо”.

Автор е Надица Петрова, претседател на независниот театар, која ќе ја видиме и како актерка во ликот на Сара во претставата. Другите ликови ги играат актерите Ванеса Тримчевска, Пиринука Киселички, Филип Миленковски и Антониј Ѓорѓиев.

„Тајната книга на дедо” е претстава за деца која низ ликовите на сестричките, дедото, животните и џинот, на детски, забавен и волшебен начин, не учи за правите вредности за другарството, искреноста и лагата, предрасудите и почитта спрема постарите. Низ оваа приказна не водат Сара и Тара. Тоа се две сестрички кои имаат заедничка мисија. Да ја пронајдат тајната книга на својот дедо и да откријат какви тајни се чуваат во неа. Со итар план, успеваат да го натераат дедо им да ги остави сами, за тие да го искористат времето да ја најдат таа тајна книга. Штом ќе ја пронајдат, се впуштаат во еден нов волшебен свет на зајакот, желката, лисецот и џинот. Дали ќе ја откријат најголемата и најважна тајна?

После успешните приказни со „Чувари на планетата ” и „Новогодишна авантура ” добивме безброј позитивни критики од нашата публика. Како од децата, така и од родителите. Затоа и имаме мотив да го правиме ова.

Со најголем ентузијазам засукуваме ракави и низ една подолга креативна работилница ги создаваме ликовите, но и сценографијата, костимите, реквизитите, често и музиката, маркетиншкиот дизајн и слично.

Веруваме дека за следните претстави ќе добиеме финансиски средства од државните институции за култура за да можеме да ангажираме професионалци во тие струки да си ја создат својата креација и да бидат платени за тоа, бидејќи ова за нас е забавно, но е исцрпувачко. Сите сме дипломирани невработени актери кои константно работат и ја одржуваат културната театарска сцена во нашата држава. Затоа и заслужуваме слух и поддршка од тие што треба и можат да ни ја дадат. Секоја недела веќе од септември почнавме со редовно играње на некоја од нашите детски претстави во Јавна Соба.

Со новиот закон, недела стана неработен ден и за театрите, а е прекрасен ден за театар за деца. Затоа решивме да ја продолжиме таа традиција но во малку поразличен амбиент. Во Јавна Соба. Место каде што родителите можат да си седнат на ручек или пијалок, додека нивните деца уживаат во некоја интересна приказна во еден поразличен и поопуштен театар. Освен во Јавна Соба, каде ни е најомилено, нашите претстави ги играме секаде каде што има интерес. По театри, домови на култура, сали, улилишта и слично. А освен претставите за деца, се разбира дека имаме и неколку претстави за возрасни кои се играат редовно насекаде. Сега на 24-ти Јануари имаме трета изведба на најновата наша претстава „Кенди” во МКЦ во 20:00 часот. А набрзо ќе излезат датуми и за „Грета”, „Дневникот на лудиот 3: Куќа на духови ” како и за моето комично шоу „Која сум јас”.

*Претставата е наменета за деца над три години, за нивните родители и за сите театарски љубители Билетите може да се резервираат со порака на вибер на телефонскиот број 075844066.