Тендерот за „интелигентен видео-надзор“ на Коридор 10 повторно одложен

Сподели

 

Втора година по ред се одложува распишувањето на меѓународниот тендер за изградба на комуникациско – информациски систем за контрола и управување на сообраќајот (Интелигентен транспортен систем – ИТС) на Коридорот 10. Овој пат, појавата на корона вирусот и целокупната криза што тој ја предизвика во земјава доведоа до ново одложување на објавата на тендерот, со кој на автопатот од Табановце до Гевгелија треба да се зголеми безбедноста во сообраќајот преку воведување на контрола и информирање за временските неприлики, застој на патот, контрола при транспортот на опасни материи и мерење густина на сообраќај и тежина на товарни возила.

Од Министерството за транспорт и врски за „Мета.мк“ информираат дека распишувањето на тендерот за воведување на ИТС е одложено за крајот на 2021 година, но сепак тие очекуваат проектот да се реализира во рок од една година. Од ова министерство очекуваат дека ветениот рок до крајот на 2022 година за пуштање во употреба на ваквиот систем нема да биде пролонгиран.

„Мета.мк“ во изминатиов период во неколку наврати ја третираше темата за безбедноста на сообраќајот на македонските патишта, при што особен акцент ставивме токму на Интелигентниот транспортен систем. Станува збор за проект што ќе овозможи од контролен центар да се следи сообраќајот и временските услови на автопатот во текот на 24 часа. Преку поставените камери, операторите од контролниот центар ќе можат да го регулираат, пренасочуваат или стопираат сообраќајот во случај на вонреден настан. Сите информации за вонредни настани ќе им се објавуваат на возачите преку електронските знаци што ќе бидат поставени долж патот, на потегот од Табановце до Гевгелија. Воедно, на автопатот ќе се постават СОС – телефони, преку кои возачите ќе можат да пријават несреќа на патот или дефект на нивното возило.

Воведувањето на ИТС на Коридорот 10 ќе чини 18,6 милиони евра. Проектната документација за новиот систем ја изработиле Градежниот институт Македонија и „Promel Sistemi“ од Загреб, додека Градежниот факултет при УКИМ лани ја заврши ревизијата на изработената документација.

Меѓународниот тендер за избор на изведувач најпрво беше најавен за 2019 година, по што неговото распишување беше одложено за првата половина од 2020 година, а потоа и за крајот на годинава. Главен бенефит од воведувањето на ИТС ќе биде намалувањето на бројот на сообраќајни несреќи на автопатот, како и бројот на загинати и повредени лица во незгодите. Дополнителен адут на идниот проект е планираното намалување на емисиите на испуштениот јаглерод диоксид од страна на возилата.

meta.mk