ТЕРЕЗА МЕЈ: ВО ПАРЛАМЕНТОТ НЕМА ДА СЕ ОДРЖИ ГЛАСАЊЕ ЗА БРЕГЗИТ

Сподели

Британската премиерка Тереза Меј нема да дозволи во парламентот да се одржи гласање за Брегзит пред формалното покренување на постапка за излегување на Велика Британија од Европската Унија.

Како што наведува „Дејли телеграф“, Меј на противниците нема да им пружи шанса да ја блокираат одлуката за излегување. Британската премиерка консултирала правници кои велат дека таа има овластување да го покрене излегувањето од Унијата без одобрување на парламентот.

Мнозинството од 650 пратеници се залагаат за останување на Велика Британија во Европската Унија.

Резултатот од референдумот не е правно обврзувачки и противниците на Брегзит тврдат дека избраните пратеници треба да ја преиспитаат таа одлука пред да започне процесот.

Референдумот беше одржан на 23 јуни, но премиерката Меј нема да го активира членот 50 со кој се покренува излегувањето од ЕУ пред крајот на годината за да има време да подготви излезна стратегија.