Компанијата „Тесла“ мора да ги запре подготвителните работи околу изградбата на фабриката за електрични автомобили недалеку од Берлин, по налог на германскиот суд и по тужбата на еколошките здруженија.
Управниот суд во Франкфурт ѝ наложи на компанијата „Тесла“ да престане со сечење на шумата на локацијата што е планирана за изградба на фабриката во Грунхајд, откако еколозите предупредија дека масовната сеча на дрва може да ги загрози змиите кои хибернираат, пренесува Ројтерс.
„Ќе бидат консултирани Државната управа за заштита на животната средина (Landesumveltamt) и ‘Тесла’ и тие треба да ги достават своите мислења, а потоа ќе ја процениме ситуацијата“, изјави портпаролот на Управниот суд во Франкфурт.
Тесла доби дозвола од германското Министерство за животна средина да започне со работа на локацијата, но „на сопствен ризик“. Планот на американската компанија беше да расчисти 300 хектари земјиште на кое има 92 хектари шума, но конечното одобрување го даваат локалните власти, кои ги прифатија приговорите на здружението за заштита на природната средина.