Министерот за финансии, Драган Тевдовски, на денешната расправа за ребалансот на буџетот на Комисијата за финансирање и буџет, истакна дека основнa цел на ребалансот e да ги намали непродуктивните трошоци и да обезбеди простор за реализација на политиките на новата влада.
– Ребалансот не е нов буџет, туку прилагодување на тековниот буџет. Поради тоа, за реализацијата на неговата основна цел, постојат и неколку ограничувања. Прво ограничување се преземените, а неплатени обврски од минатото. Второ ограничување се веќе склучените договори за тековни или идни проекти, за кои, ако се раскинат, државата ќе треба да плаќа пенали – изјави Тевдовски.
Тој додаде дека кратењето на непродуктивните трошења на власта обезбеди можност за буџетирање на нови мерки кои значат поддршка за граѓаните или домашните фирми. Тие мерки се минимална плата, решение за стечајците, поддршка за малите и средните претпријатија и земјоделците, укинување на радиодифузната такса и слично.
Инаку, денеска на Комисијата за финансирање и буџет почна расправата за ребалансот на буџетот. До Комисијата пристигнале 840 амандмани, од кои најмногу, 706, поднела ВМРО-ДПМНЕ, а другите 134 амандмани се од партии од албанскиот политички блок.