И новинарите, но и дипломатите имаат одговорност за демократијата и за борбата за слободата на изразување и во таа борба не смее да се молчи, порача амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние на денешната промоција на публикацијата „Слободата на изразување низ праксата на Европскиот суд за човекови права“ од д-р Мирјана Лазарова – Трајковска, која се одржа во Клубот на новинари во Скопје.
– Од многу тажниот ден 24 декември 2012 година поминавме тежок, но успешен пат и искуствата може да служат како материјал за размислување за еволуцијата и барањето демократија. Книгата на д-р Мирјана Лазарова – Трајковска претставува потсетување на огромната одговорност што вие како новинари ја носите и потсетува на храброста на некои новинари, но и на недостиг на храброст на други. Истовремено, ни служи и како лекција нам дипломатите да не молчиме кога станува збор за прекршување на законите и фундаменталните права и јасно и гласно да кажеме дека нешто e неприфатливо – порача Тимоние.
Во книгата посебен акцент се става на случајот „Селмани и другите против Република Македонија“ во Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП), како прв случај од Република Македонија за оневозможена слобода на изразување во врска со насилното изнесување на новинарите од Собранието на Република Македонија на 24 декември 2012 година.
Како што рече авторката, д-р Лазарова – Трајковска, овој случај е важен сегмент од практиката на ЕСЧП.
– Многу сум горда на таа пресуда на ЕСЧП, а мора да се напомене дека таа пресуда не е против Република Македонија, туку е ЗА Република Македонија – рече авторката.
Државата мора да биде чувар на слободата на изразување, како основно право, но мора да биде и чувар во поглед на говорот на омраза, рече евроамбасадорот Самуел Жбогар, порачувајќи дека очекува книгата на Лазарова – Трајковска да не биде читана само од новинарите, туку и од судиите и другите чинители во правосудството, но и од политичарите, пратениците, претставниците на граѓанските организации, како битен учебник за слободата на изразување, но и за борбата против говорот на омраза.