Продолжува активноста на копачите, крановите и мешалките за цемент додека самите Албанци се протерувани од градот. Оние што останаа се сведоци на уништување на историски споменици, игралишта и отворени површини и се немоќни да го спречат тоа.
Во изминативе три децении, главниот град на Албанија, Тирана, е место каде постојано нешто се случува. Дали сите тие случувања се добри или не, зависи од тоа со кого разговарате. Многу активисти и жители на овој град ќе ви кажат дека градот веќе нема душа, ги нема вредните зелени површини и го нема својот идентитет. Спротивно на тоа, општината ќе ви каже дека Тирана е еколошки центар на младите и дека спроведува политики кои се ориентирани кон граѓаните.
Прошетката по градските улици ни ја покажува вистината. Градежните активности доживуваат процут и среде станбените згради кои потекнуваат од времето на комунизмот, становите со светли бои и неколкуте преостанати историски објекти, се забележува постојано и сè поголемо присуство на бетон. Низ центарот се подигаат големи згради, а целиот предел се карактеризира со безброј градилишта.
Снимките направени со дрон во периодот јуни-јули 2021 година покажуваат најмалку 414 активни градилишта во овој град. Во 2020 година издадени биле вкупно 201 градежна дозвола, што значи по една на секои 48 часа. Во првото тримесечје од 2021 година издадени се градежни дозволи со вредност од околу 127 милиони евра, што е речиси двојно во споредба со истиот период од 2020 година.
Се разбира дека напредокот е неопходен, а инвестициите во инфраструктурата, домувањето и објекти како што се канцелариски простори и објекти за малопродажба се добредојдени. Но, која е цената за сето тоа?
Цени „до небо“
Цените за изнајмување во главниот град значително се зголемија. Пред четири години, двособен стан во релативно централно градско подрачје се издавал за околу 300 евра месечно. Истиот денес чини повеќе од 500 евра. Иста е ситуацијата и во однос на купувањето имот.
За нов објект во центарот на градот цените се движат околу 4.000 евра за квадратен метар, додека на периферијата се намалуваат до 800 евра. Просекот од 1.102 евра е исклучително висок ако се земе предвид просечната месечна плата во главниот град која изнесува околу 500 евра. Тирана сега е едно од најскапите места во Европа за купување недвижен имот, а трошоците за изнајмување почнуваат да наликуваат на Брисел и Рим.
Банката на Албанија објави дека трошоците за живеење во главниот град се зголемени за 43 отсто во периодот од 2014 година досега. Цените продолжуваат да растат, платите стагнираат, а странските инвестиции и понатаму се претпазливи.
Експертите велат дека Албанија е изложена на ризик од економски крах откако ќе пукне градежниот меур и цените на куќите би можеле да паднат за 50 отсто во наредните години.
Стравувања во врска со перење пари
Се проценува дека во Албанија секоја година влегуваат до 700 милиони евра незаконски средства. Тие се канализираат во земјата претежно преку криминални активности, корупција и даночни измами. Во последниве три години, се проценува дека во градежниот сектор во Албанија биле испрани околу 1,6 милијарди евра.
Во 2020 година, Глобалната иницијатива против транснационален организиран криминал (ГИ-ТОК) констатираше дека изградбата на нови објекти за комерцијални цели или за живеење е популарен начин за перење пари во Албанија.
„Започнува со финансирање на нов станбен или комерцијален објект, продолжува со финансирање на договорите за изградба и намалување на вредноста на трудот во текот на изградбата, и понатаму со продажба на готовите објекти“.
Таа, исто така, потенцираше дека општините често издаваат градежни дозволи, но не следат што се случува потоа. Во Албанија, градежната активност во периодот од падот на комунизмот е поттикнувана од луѓе од дијаспората кои инвестираат во земјата со средства чие потекло е невозможно да се утврди.
Во 2012 година градежната активност во Албанија „незначително“ се забави поради глобалната рецесија, но во периодот до 2016 година градежниот сектор почна нагло да расте, што експертите го припишуваат на напливот на „криминални инвестиции произлезени од приходи стекнати на криминален начин“.
Извор: freepik.com
Извештајот констатираше дека од 141 компанија на кои им биле издадени градежни дозволи за висококатници во периодот од 2017 до 2019 година, 59% немале финансиски капацитети истите да ги завршат. Билансите на состојба на овие компании покажаа дека тие имале минимални приходи и дека немале средства или заеми кои би можеле да се искористат за финансирање на проектите.
ГИ-ТОК проценува дека 60% од вредноста на проектите произлегува од незаконски пари. Извештајот, исто така, тврди дека дури и кога ќе ја пресметате вредноста на хипотекарните кредити, само во 2019 година има несовпаѓање од околу 600 милиони евра. Наодите од извештајот и неименуван експерт за перење пари од Албанија изјавија дека преку албанскиот сектор за недвижности во периодот помеѓу 2016 и 2019 година веројатно биле испрани до 1,6 милијарди евра „валкани пари“.
Се констатира и начинот на кој криминалците и оние кои сакаат да перат пари воспоставуваат врски со политичари и функционери за да ги добијат дозволите. За добивање дозволи и други бенефиции се користат поткуп, тргување со влијание, посредување, уцена и злоупотреба на власта.
Во јануари 2021 година се случи апсење на десетици членови на мафијата „Ндрангета“ во Италија, што ги извади на површина врските со градежниот сектор во Албанија. Италијанските органи за борба против мафијата уапсија 50 лица, вклучително и 7 Албанци.
Прислушуваните разговори кои беа обезбедени во рамките на истрагата открија дека инволвираните лица тврделе дека можат да користат албански бизнисмен кој наводно има пристап до премиерот и до градоначалникот на Тирана за да инвестираат во градежништво. Тие исто така разговарале и за изградбата во центарот на Тирана и за високите цени на недвижностите.
Еден од осомничените дури изјавил дека „Во новите облакодери цените одат од 3.800 до 4.000 евра за метар квадратен. Дали знаете колку е вистинската цена? 510 евра“.
Префрлување на одговорноста
Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, отфрли секаква поврзаност, велејќи дека целата истрага која траела со години потекнува од опозициските партии во обид да се манипулира со јавноста пред општите избори закажани за месец април 2021 година. Тој тврди дека ниту една градежна дозвола не е под влијание на лица вмешани во криминал или недозволени активности.
Специјалното обвинителство за борба против корупција започна прелиминарна истрага во февруари 2021 година, но оттогаш досега не се слушна ништо за овој случај.
Неколку месеци подоцна, италијанската Управа за финансиско разузнавање објави дека Албанија била главна дестинација за „сомнителни трансакции“ од Италија во првата половина на 2020 година. Албанија изби на првото место, пред Мароко, Романија и Сенегал, со речиси половина од вкупно 70.157-те сомнителни пријави кои потекнуваат од тој период. Повеќето од трансферите потекнуваа од жариштата на мафијата како што се Ломбардија, Лацио, Сицилија и Емилија Ромања.
MONEYVAL на Советот на Европа констатираше дека властите не преземаат значителни мерки за борба против перење пари и финансирање тероризам. Се констатира дека се преземени одредени позитивни чекори, но и понатаму постои значителен број на ограничувања, како што се непокренување постапки за кривично гонење, осуди или одвраќања.
„Преземени се ограничени чекори за подобрување на усогласеноста со другите дадени препораки, но недостатоците и понатаму се присутни. Албанија се охрабрува да продолжи со напорите за решавање на останатите недостатоци“.
Слични констатации доаѓаат и од американскиот Стејт департмент во својот извештај од Стратегијата за меѓународна контрола на наркотиците, објавена оваа година, во кој се констатира дека Албанија била „главна дестинација за перење пари“ во 2020 година. Стејт департментот вели дека албанската Влада „не остварила значителен напредок во спречувањето на перењето пари и финансирање криминал во 2020 година.”
Градот кој го губи својот шарм
Притоа, продолжува активноста на копачите, крановите и мешалките за цемент додека самите Албанци се протерувани од градот. Оние што останаа се сведоци на уништување на историски споменици, игралишта и отворени површини и се немоќни да го спречат тоа.
Во последниве години, граѓанското општество се обиде да возврати. Но, соочени со моќта на државата и нејзината финансиска моќ, нивните напори досега беа залудни. Двегодишниот протест против уривањето на Народниот театар, резултираше со извлекување на активисти од зградата во 03 часот по полноќ од вооружените специјалци, а уривањето започна додека тие сè уште беа внатре.
Слична судбина имаа и оние кои протестираа против тоа нивните домови да бидат урнати за да се направи простор за приватни проекти. Полицијата влегува во раните утрински часови, мавтајќи со палки и солзавец, оставајќи ги граѓаните без покрив над главата.
Отпорот на граѓанското општество кон овие промени во Тирана е силен, но засенет од илузијата дека судовите имаат волја да направат нешто. Десетици илјади случаи „дремат“ во фиоките на судиите, а кога ќе се донесе пресуда, најчесто веќе е предоцна да се спречи маршот на тешката машинерија.
Резултатот е град кој е шармантен и со свои недостатоци, но кој полека го губи своето архитектонско наследство. Отоманските куќи и вилите од 1930-тите се срамнуваат со земја. На Албанците им останува да одлучат дали ќе се идентификуваат со бетонските монолити што ги заменуваат овие историски наследства.