Битола денеска ќе биде првата дестинација на „мерцедесот“ брендиран „Тоа на М – по патот на хипокризијата и солидарноста“, кој е главниот реквизит во акцијата на невладината организација „Аква“ од Струга и на „Цивика мобилитас“, чии членови со автомобилот, купен илјадапати поевтино (за нешто повеќе од 500 евра), ќе патуваат низ Македонија и ќе ги прашуваат граѓаните дали чуле за „еден друг „мерцедес“ од 575.000 евра“.
„Ние тргнуваме да го придвижиме граѓанството, да направиме промена, да се приклучиме на акциите за будење на свеста со „Тоа на М – по патот на хипокризијата и солидарноста“. Ќе посетиме заборавени и запоставени места, ќе се сретнеме со луѓе кои со својата храброст и одважност поттикнале и инспирирале, луѓе чиишто дела нашето општество треба повисоко да ги вреднува и да ги цени. Денеска, на Денот на нашата независност, ќе сме во Битола да се видиме и да поразговараме со една личност која направи голем подвиг за да ја разбуди јавната свест“, велат од тимот на „Аква“ и на „Цивика мобилитас“.
Оттаму додаваат дека „Тоа на М“ и сè во него е подготвено.
„Тоа на М е подготвено. Спомениците, оние најскапите, се залепени. За „децата“ одзади, за по пат до Битола, филм на денот е ‘Вертиго’. Во багажник ги имаме сите потребни работи: торба со алати, фрижидер од 80-тите, куфер од 70-тите, Н.Г. од денешнината, Шварценегер со мерцедесот од 80-тите и црна кутија со ‘црни’ пари“, велат активистите.
Тие претходно информираа дека акцијата ја спроведуваат поттикнати од темите на разговор во телефонските разговори помеѓу поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и експремиерот и актуелен лидер на владејчката ВМРО-ДПМНЕ, а поврзани со купувањето на „мајбах мерцедес“ од 575.000 евра.
Мерцедесот, со кој активистите од „Аква“ ќе ја крстосуваат државата, е брендиран со „Тоа на М“, по шифрата што ја користи Никола Груевски, според прислушуваните разговори, кога прашува за новиот автомобил.