Тоа на “М” сега вреди 234.000 евра

Сподели

Екстра луксузниот мерцедес кој го нарача Министерството за внатрешни работи за потребите на екс премиерот Никола Груевски и официјално сега вреди 234 илјади евра. Вештачењето е завршено, а според документите до кои дојде „Телевизија 24“, проценето е дека возилото Мерцедес бенз С 600 сега изнесува 14.372.208 денари.

Според формулите на проценителот, утврдено е дека неговата вредност сега е 60 отсто помала од онаа во 2012-та кога бил купен. Со „мерцедесот“, кој пред шест години по желба на екс премиерот Груевски го набави МВР, до сега биле поминати 80.500 километри. Неговата регистрација има важност до јули, наредната година.

Возилото кое Груевски во бомбите го нарекуваше „тоа на М“ има исправен акумулатор, а гумите, кои се отпорни на куршуми мора да се заменат, стои во извештајот. Освен што е скапо платен, тешко е и неговото одржување, на пример само еден пар гуми чини 20.000 евра.

Предизборно премиерот Заев најавуваше дека ќе го продаде „мерцедесот“ за да купи амбулантни возила.

Јавноста за ова возило разбра од „бомбите“, а сега СЈО ја води постапката под кодно име „Тенк“ против екс премиерот, поранешната министерка за внатрешни, Гордана Јанкулоска и нејзиниот помошник за јавни набавки, Ѓоко Поповски, дека луксузното возило било нарачано во време на ослабена економска моќ на министерството за внатрешни.