ТОКМУ ДЕНЕС: 26 јули, 70 години од смртта на Ирина Гинова – Мирка

Сподели

165387_1378431601458_1766676_n

Животот на Ирина Гинова – Мирка, учителката од воденското село Русилово, е прекрасен пример за партизанската филозофија на опстојување и умирање. Тоа е  живот на една постојана и непрекината борба. Од детството, кога како ученичка во учителското училиште сите пари кои и` беа давани ги трошела за потребите на своето образование, заради што често била гладна или полугладна, па преку неколкугодишната неможност заради македонското потекло да најде работа, па се до активното дејствување во предвоеното работничкото движење раководено од Комунистичката партија на Грција. Ваквиот борбен животопис, сосема природно ја одвел Мирка Гинова во антифашистичкото и антиокупаторското движење кое по 1941-та се развило во Грција. И во наредните четиригодишни крвави години, во епската борба на грчкиот и македонскиот народ за протерување на германските, италијанските и бугарските окупатори таа наша хероина, чесно и пожртвувано, го дала својот придонес и како политички организатор и како непосреден партизански борец.

Како што се знае, Грција и Егејскиот дел на Македонија, беа местата каде и по дотогашната гигантска борба против хитлеровите орди и нивнотото протерување од Балканот, продолжи борбата за правда и слобода. Освен тоа, за Македонците продолжи и борбата за добивање на национални права. Сосема очекувано продолжи борбата против црната реакција и на Мирка Гинова.

Таа веќе прекалена во антифашистичката и антиокупаторска борба, повторно се најде во првите организациони редови на борбата за слобода. Имено, набрзо по формирањето на Народноослободителниот фронт на Македонците од Егејскиот дел на Македонија таа стана негов активист и борец и со сите сили работеше за извојување на слободата и националните права за својот народ. Според сочуваните историски сведоштва, таа беше исклучително скромна и чесна, сочувствителна и добра, правдољубива и храбра. Сето тоа, ја правеше да биде сакана од соборците и народот во Воденско.

Откако беше заробена во нерамната борба во близина на селото Почеп на 6 јули 1946 година, таа стоички ги издржа сите мачења кои уследиле. А, оѕвереноста на оние што ја измачуваа беше изразена до крајни граници. Мирка беше долготрајно, шеснаесет дена, тепана, и` беа откорнати ноктите, и` беа ставани варени јајца под мишките и, потем, ставана сол на отворените рани… Ако намерата на мачителите беше да го убијат достоинството кај Мирка, да ја отчовечат, да ја направат да се откаже од своите чувства и идеали, односно да се откаже од „патот на комунизмот“ и од борбата за македонски национални права, а потем, таква да ја покажат пред народот, тогаш тие целосно не успеаа. Мирка, заедно со останатите заробени соборци, со гордо крената глава, дефилираше низ улиците на Воден и селата во Воденско. Пред судот во Ениџе–Вардар изјави: „Јас сум Македонка и сум горда за тоа. Не убив никого, но се борам еден ден Грција да стане слободна татковина за сите Грци и Македонци. И ние, Македонците, да бидеме слободни, да го зборуваме својот мајчин јазик, да имаме свои училишта, да нема повеќе затвори и рициново масло… Може ќе ме стрелате, но не се плашам…“ А, непосредно пред да биде стрелана, на 26 јули 1946 година, рече: „Умирам за нешто во кое верувам со сета душа, како чесна, а не како нечесна, за поарен живот на другите…”

Стрелањето на Мирка Гинова, беше прво стрелање на една жена заради политичка или револуционерна активност во сета историја на дотогашната грчка држава. Всушност, убаво кажа грчкиот поет Никос Папапериклис, дека со своја горда смрт Мирка Гинова прерасна во „симбол на омразата кон смртта“. Впрочем, со својот живот, како и со својата смрт, таа недвојбено и непорекливо, покажа и докажа дека родoљубието, вербата, љубовта, честа, достоинството иако не се материјални, сепак се единствено вистински и трајни и, оттаму, едиствено вредни на нив да се потроши она што може да се нарече човечки живот. И, уште еднаш, покажа, дека искрената љубов кон идејата и татковината е највистинска, најубава, најсилна најверодостојна, и можеби, единствено реална, кога за неа се плаќа со саможртва!

Кога луѓето би имале претстава колку храброст, достоинство, човечка убавина си заминало од овој свет со смртта на Мирка Гинова и сличните на неа борци за правда и еднаквост, навистина би биле тажни, но истовремено и доволно револтирани за да станат на нозе и преземат нешто за да го направат овој свет поубаво место за живеење. Ни останува да се надеваме дека и денес, седумдесет години по смртта на Мирка, но и во иднината, специфичната живототворна топлина на човечката памет не е падната и нема да се спушти толку ниско под нулата, за водопадите од морал и доблест да се замрзнат, па луѓето да престанат да бидат Луѓе и да престанат да ги препознаваат чесните, добрите, храбрите, општокорисните дела на големите борци и луѓе како Мирка Гинова.

Нека и е вечна слава!