Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски гостуваше во Тема на денот во централниот Дневник на телевизија Сител. Министерот во гостувањето истакна дека грозоморниот случај ќе биде целосно расветлен и дека јавноста ќе биде запознаена со сите незаконити дејствија што се случувале и притоа довеле да дојде до ваков случај, кој ја потресе целата држава.
„Овој предмет во детали ќе биде расветлен од аспект на сите оние дејства коишто сме ги презеле досега,особено ќе и се згрози на јавноста кога ќе види повторно по не знам кој пат последица на овие незаконитости е мито и корупција, многу добро знам што зборувам и внимавам како ги изнесувам информациите во јавноста да не загрозам дел од истрагата. Кога јавноста ќе види за кои суми биле издавани одредени документи и било ставано нешто незаконито, спротивно на сите правила, на сите регулативи, спротивно на се она што би требало да е нормалност во рамки на функционирање на еден кабаре клуб, диско клуб ќе и се згрози“, вели Тошковски.
Исто така, Тошковски додаде дека токму неморалното и коруптивното поведение коешто било вмрежано во многу институции довело до ваков трагичен настан.
„Повторно говориме за мито и корупција, корупцијата ја уништи Македонија, мораме да бидеме максимално посветени, да еднаш засекогаш покажеме дека имаме капацитет согласно закон да ја овозможиме правдата. За секој еден којшто ќе биде констатирано дека директно или индиректно има било какво влијание на незаконитост а притоа таа незаконитост не довела до овој грозоморен настан ќе има одговорност“, кажа Тошковски.
Министерот во гостувањето повика на разум од страна на сите, за да можат сите институции коишто се надлежни за овој случај да ја спроведат истрагата и да ја сработат работата како што треба.
„Мораме да сме разумни, мораме да работиме согласно закон, мораме да преземаме дејствија коишто ќе не доведат до правда,преку неправда никогаш не можете да стигнете до правда. Мораме да повикаме сите на разум мора верските лидери да повикаат на разум мора политичарите да повикаат на разум барем оние коишто си ја сакаат Македонија и се нормални како луѓе, секој еден којшто си ја сака својата држава и си го сака својот народ мора да повика на разум. Мора да дозволиме Министерството за внатрешни работи заедно со сите институции коишто имаат надлежност за истражување да си ги сработат сите оние работи коишто треба да ги сработат“, рече Тошковски.
