Тоскас: Имаме сериозни податоци дека пожарот е подметнат

Сподели

Постојат сериозни не само индикации, туку и сериозни податоци што покажуваат дека станува збор за криминално дело и за подметнување на пожарот, рече министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Тоскас, на синоќешната вонредна прес конференција одржана во Министерството за цивилна заштита на Грција, во присуство на портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос и началниците на грчката полиција и противпожарната служба на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Потпалувањето во комбинација со лошите временски услови, односно силниот ветер, се главните причини за сето она што се случуваше во понеделникот вечерта во источниот дел на областа Атика, според надлежните грчки власти.

Тоскас ја изрази неговата загриженост за појавувањето на повеќе жаришта за мал временски период, говореше за подметнување на пожарот, но не откри дополнителни детали бидејќи во тек е истрагата. Тој откри дека уште следниот ден му ја доставил на грчкиот премиер неговата оставка, но Ципрас не ја прифатил.

-Се обидувам да најдам грешки, поради совеста, но оперативно, не наоѓам големи грешки. Од совесни причини, уште следниот ден, ја доставив мојата оставка до премиерот, но не ја прифати и ми рече дека продолжуваме со битката, рече Тоскас.

Во однос на грешките, началникот на противпожарната служба на Грција, Сотирис Терзудис, прашан дека доколку би можел да го врати времето назад, дали би сменил нешто во операцијата, рече дека „не би сторил ништо поразлично од она што го направил, бидејќи говориме за природни катастрофи.

Терзудис објасни дека биле потребни помалку од еден и пол час за пожарот да се прошири и да ја зафатен целата населба и било невозможно да се спроведе план за евакуација на населението.

-Целата катастрофа се случи во рок од еден и пол час -, рече министерот за цивилна заштита, Никос Тоскас.

Тој додаде дека треба да им се каже едно „благодарам“ на обичниот пожарникар и обичниот полицаец, кои спасиле многу народ. И началниците на противпожарната служба и на полицијата, но и портпаролот на грчката влада, рекоа дека се горди за она што го сториле за време на пожарот.

-Грчката влада и сите оние кои што водеа битка сите овие денови, длабоко жалиме за загубата на десетици наши сонародници, но во исто време сме и горди за пожарникарите, полицајците и доброволците кои се бореа и уште се борат за да спасат човечки животи во оваа трагедија, рече портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос.

Во однос на исчезнатите, министерот за цивилна заштита рече дека постојано се менува ситуацијата, во текот на завчерашниот ден избришале 40 лица бидејќи почетно се воделе како исчезнати, но подоцна се покажало дека се живи. Како пример го спомена случајот со британски туристи кои што се водел за исчезнати, но потоа дознале дека брачниот пар, не само што се спасил туку веднаш по пожарите се качиле во првиот авион за Британија и заминале. Идентичен е примерот со Грци за кои се мислело дека се исчезнати, а тие биле во нивниот дом во Атина.

Сепак, се уште не постои конкретен број и конкретна листа со луѓе што се водат за исчезнати по катастрофалните пожари во понеделникот вечерта.

На синоќешната вонредна прес конференцијата, надлежните говореа не само за природна катастрофа, туку и за лоши временски услови, силен ветер каков што не бил регистриран во изминатите 8 години во Грција, а беа презентирани и резултатите од истрагата направена со помош на сателити од вселенските служби од други земји за жариштата од каде што започнаа двата големи пожари, прво во западниот, а потоа во источниот дел на областа Атика, онаму каде што животот до сега, го загубија 83 лица.

МИА