Трајанов до Фон Дер Лајен: Бугарија да ги регистрира здруженијата на македонците

Сподели

 

На денешната прес-конференција, Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз и пратеник, меѓу другото нагласи:

„Јас, раководството и над 33.000 членови на Демократскиот сојуз, сме цврсто определени за Македонија да биде полноправна членка на Европската Унија. Тоа е наш врвен национален, стратешки и државнички интерес. Од таа цел не отстапуваме и сѐ досега што правиме и дејствуваме е во тој правец и така ќе продолжиме.

За уставните промени нема граѓански и политички консензус, бидејќи тие се резултат на бугарските непринципиелни барања и надвор од Копенхашките критериуми. 

Владата ја прифати Преговарачката рамка без експертска анализа, поширок граѓански и политички консенсуз и рамка во која се вградени билатерални прашања наметнати од Бугарија, прашања со кои се отвораат историски, образовни, јазични, културни и идентитетски дилеми, со кои во суштина се негира историскиот континуитет на македонскиот народ и автентичноста на македонскиот јазик.

Преку Комисијата за историски и образовни прашања и годишните протоколи, кои се составен дел од Преговарачката рамка, се оспорува македонскиот карактер на историските настани, македонските револуционери, па дури и Охридската Архиепископија.

Во суштина се „сечат“ корените на македонскиот народ, со што се доведува во прашање и неговата иднина и просперитет.

Ковачевски, Османи и Маричиќ, како и ДУИ и СДСМ, вршат огромна манипулација дека наводно ЕУ го признава македонскиот јазик. Но вистината е дека во ниту еден документ не стои дека по приемот на Македонија во ЕУ, македонскиот јазик ќе биде службен, официјален јазик во ЕУ.

Во заклучоците на Советот на ЕУ стои само дека преводот на материјали (директиви, одлуки итн.) ќе се врши на макеонски јазик, но и дека  Бугарија и Македонија имаат право да дадат свои унилатерални изјави околу јазикот, кои се составен дел на пакетот документи и одлуки на ЕУ поврзани со евроинтеграциските процеси на Македонија.

Павле Трајанов до Европската Унија и до Претседателот на Европската комисија Урсула Фон Дер Лајен, ги упати следните барања:

Прво, Советот на Европската Унија да донесе одлука со која ќе ја обврзе Бугарија да ги спроведе одлуките на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, да им дозволи регистрација на здруженијата на Македонците во Бугарија за негување на нивните идентитетски, јазични, културни и други особености.

Да се обезбеди РЕЦИПРОЦИТЕТ.

Второ, Советот на Европската Унија од Преговарачката рамка да ги изостави билателарните прашања или најмалку да донесе одлука со која ќе се дадат гаранции дека билатералните прашања не можат да бидат основа за блокада на Македонија на патот кон ЕУ.

И трето, Советот на ЕУ да донесе одлука за тоа дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик по приемот на Македонија во ЕУ.

Очекувам зад овие три клучни барања да застанат сите политички партии, претседателот Стево Пендаровски и Владата на Република Македонија.

Инаку, Владата на СДСМ и ДУИ не направи никакви реформи во судскиот систем, владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и не ги промени изборните правила.

Без реформи и резултати тешко ќе се движиме напред.

Повеќе од јасно е дека нема доволна поддршка за уставни промени, поради што Демократскиот сојуз предлага распуштање на Парламентот и предвремени избори. 

Изборите се наш национален и стратешки интерес!

Сакам да упатам кристално чиста порака и повик до СДСМ и ДУИ:

Ако сте за стабилност, за модерна и европска Македонија, Вие кои ги загрозивте националните интереси и евроинтеграциите на Македонија, излезете на избори!

Или ќе добиете поддршка или народот ќе ви каже „Марш да ве нема“!

Повикувам да обезбедиме сплотеност, единство и државничко однесување.

Да го послушаме народот и цврсто да застанеме зад неговите и националните-државни интереси”, изјави Павле Трајанов.