ТРАМП: ФБИ им откриваат информации на медиумите и ја рушат државата

Сподели

Претседателот на САД, Доналд Трамп на Твитер порача дека ФБИ се неспособни да ги откријат своите луѓе кои што им откриваат доверливи информации на медиумите и така заедно ѝ наштетуваат на државата.

Трамп преку својот профил на Твитер жестоко го нападна американското Федерално истражно биро.

„ФБИ се тотално неспособни да го сопрат протекувањето во националната безбедност кое што веќе долго време ја поткопува нашата влада. Дури не се во состојба да ги пронајдат изворите во ФБИ. Медиумите добиваат доверливи информации кои што можат да имаат разорно влијание на САД. Пронајдете ги веднаш“, порача американскиот претседател.

Претседателот на САД во изминативе неколку седмици ги прозва медиумите и службите за безбедност поради протекување на важни информации и објавување на истите во јавноста.

Откако протекоа информации дека разговарал со поранешниот амбасадор на Русија во САД, оставка мораше да поднесе сега веќе поранешниот советник на национална безбедност на Трамп, Мајкл Флин.

Реакцијата на Трамп на Твитер доаѓа откако ФБИ го одби барањето на Белата куќа да ги демантира медиумските информации за комуникацијата на соработниците на Трамп со руските разузнавачи во текот на предизборната кампања.