Трамп и Путин ќе се состанат на Самитот Г20

Сподели

Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин ќе се состанат наредната недела, на Самитот Г20 во Хамбург, потврдено е синоќа од Белата куќа, пренесува Anadolu Agency (AA).

Првиот состанок на двајцата лидери во Германија го најави националниот советник за безбедност, Х.Р. Мекмастер, за време на излагањето во Белата куќа.

Мекмастер и економскиот советник Гари Кон, на прашањето дали ќе стане збор за руското мешање во американските претседателски избори 2016 година, рекоа дека дневниот ред на состанокот сѐ уште не е утврден.

„Американските односи со Русија се слични со останатите нации во поглед на изнесувањето на загриженоста и пронаоѓањето област од заемен интерес“, изјави Мекмастер.

Тој додаде дека разговорите ќе ги води државниот секретар Рекс Тилерсон, кој веќе се ангажираше во широк опсег на дискусија „за напрегнатите врски меѓу Москва и Вашингтон и за начинот на работа на точките од заеднички интерес“.

За време на самитот Г20, кој ќе се одржи на 7. и 8. јули во Хамбург, Трамп планира да се состане со лидерите на Кина, Германија, Јужна Кореја и на Велика Британија.