Трамп влезе во отворена борба со американските медиуми

Сподели

На првата прес-конференција по изборот за претседател на САД, Доналд Трамп зафати многу теми, но даде и многу неодредени одговори. За разлика од претходно, сега вели дека Русија е одговорна за хакерски напади, пишува Дојче веле.

За недокажаните обвинувања кои наводно потекнуваат од руски тајни служби, кои наводно се обиделе да го уценуваат Доналд Трамп со информации од неговиот приватен живот и деловните врски со Русија, новоизбраниот американски претседател се изјасни на почетокот на прес-конференцијата. Тој ваквите информации ги нарече „лажни вести“. „Ваквите гомненици ги пишувале болни луѓе“, рече тој, одбивајќи да одговори на прашање на новинарот на Си-Ен-Ен, Џим Акоста, со зборовите: „Вие не, Вие сте лажни вести.“

Со тоа, уште пред да влезе во Белата куќа, Трамп влезе во отворена борба со американските медиуми. Одбивањето да одговори на прашањето предизвика дискусија во земјата околу односот кон слободата на печатот во време на неговиот мандат.

Многу теми за неколку минути

Веднаш потоа Трамп се осврна на економски прашања. Тој ги пофали автомобилските концерни за нивната најава за отворање работни места во САД. Претходно, жестоко ги критикуваше концерните како Тојота или Џенерал Моторс поради тоа што произведуваат во Мексико и им се закани со високи увозни царини.

На прес-конференцијата тој ја критикуваше и фармацевтската индустрија која во САД форсира високи цени, а не произведува во државата.

 Новоизбраниот претседател ја повтори својата намера да ги претвори САД во најголем создавач на работни места во светот и вети дека за остварување на таа цел ќе работи напорно.

За само неколку минути Трамп зафати многу теми, на кои се осврна многу кусо. На пример, најави подобрување на медицинската нега за американските ветерани и ги критикуваше трошоците за развој на борбените авиони Ф-35 како превисоки.

„Мислам дека беше Русија“

Нешто поконкретен беше во врска со хакерските напади во текот на предизборната кампања. Првпат релативно јасно за тоа ја обвини руската влада. „Мислам дека беше Русија“, рече Трамп, одговарајќи на прашање на еден од новинарите. Тој додаде дека и многу други држави се обидуваат да ги пробијат американските системи. Трамп, кој досега изразуваше сомнеж дека Русија е одговорна за хакерските напади, ги критикуваше демократите за недоволната компјутерска безбедност.

Тој во текот на изминатите недели се залагаше за подобри односи со Русија. „Ќе видиме каков однос ќе имам со Русија“, вели сега, изразувајќи надеж дека ќе се согласува со рускиот претседател Путин. Во секој случај, како што тврди Трамп, Русија под негово раководство ќе има поголем респект кон САД отколку досега.

Синовите ќе ја водат бизнис-империјата

Темата која беше очекувана со нетрпение – што размислува за водењето на своите фирми додека е на функцијата претседател, Трамп ја отвори подоцна во текот на средбата со медиумите. Неговите два сина, Ерик и Доналд Џуниор, ќе раководат со фирмите и тоа, како што тврди Трамп, „ќе го сторат многу професионално“. „Нема да се договараат со мене.“ Бизнис-империјата ќе има таква структура, што тој комплетно ќе биде исклучен од менаџирањето, тврди Трамп, додавајќи дека ваквиот чекор го презема, иако тоа не мора да го стори.

„Мексико некогаш ќе плати“

На средбата со новинарите новоизбраниот американски претседател не ја заборави и темата која крена многу прашина во предизборната кампања – изградба на ѕид кон Мексико. Тој ја повтори најавата за изградба на ѕид и повтори дека и Мексико ќе плати за него. Не кажа дали средствата за ѕидот ќе дојдат преку даноци или директни уплати. „Мексико некогаш ќе плати“, уверен е Трамп. Со изградбата на ѕидот Трамп има намера да ги запре мигрантите.

Никогаш досега новоизбран американски претседател не чекал толку долго за да ја одржи првата прес-конференција. Трамп по победата на изборите се обраќаше пред сѐ преку куси пораки на Твитер. Тој треба да биде инаугуриран во петок, наредната недела.