Треба да се внимава на антимакедонизмот – Александар Литовски

Aлександар Литовски
Сподели

 

Стварноста во голема мерка е соѕидана од материјал поврзан со моралот. Со зборовите на Артур Шопенхауер, најзначајниот дел на она што се случувало, што се случува и што ќе се случува произлегува и зависи од моралната проблематика.

Aлександар Литовски
Александар Литовски

Сите битки кои низ историјата се биеле на овие наши простори, исто така, произлегувале од социјалната и националната проблематика. И двете, по својата суштина, се нематеријални, етички категории. Безбројни наши генерации, голтнаа тие тешки битки, а денес, пред нашите очи, се бие една политичка битка за зачувување на основното: македонската национална свест и македонската национална држава.

За жал, откако се претворивме во приврзок на корпоративните евроатлански интереси, можностите за нашата национална и социјална борба се стеснија и искомплицираа. Сепак, бидејќи не постои национала свест и национална култура кои сами себе ќе се укинат, борбата за национален опстанок и афирмација ќе продолжи. Се разбира, без разлика на моменталните национални и политички порази, потклекнувања, сопнувања, колебања, слугувања… Без разлика на лудаците и евролибералите на кои идентитетот не им е важен, оти се безлични и безсодржајни лакеи. Без разлика што врховизмот, особено бугароманскиот, е во подем и зазема голем дел од духовниот простор на македонската општествено-политичка сцена. Без разлика колку тој врховизам во форма на ревизионизам, а од позиција на политичка сила ќе ја окупира нашата „официјална“ македонска историографија. Без разлика колку ќе успее со своите манипулации, полувистини и лаги ја загади и затруе македонската историска и национална свест.

Нашите политички демагози, особено оние со сомнежи во сопствената македонска национална самоидентификација, на моменти со обилна финансиска и логистичка поддршка од петтата колона низ државниот апарат, од македонските тајкуни и од нивните „европски пријатели“, долга низа на години им ги продадваат своите антимакедонски и антикомунистички небулози на своите партиски верници и рахитични „патриоти“, но, што е уште поопасно, под притисок на тој агресивен врховистички напад „потклекнаа“ и мнозина обични граѓани. Така, некои започнаа да веруваат во глупавите, фалшивите и националшовинистички големобугарски приказни.

Затоа, денес, кога сме под секојдневен жесток притисок на повампирената големобугарска пропаганда, нужно е кога се зборува за македонската национална историја и македонската национална свест да се внимава на сите елементи: на жалната неспособност низ историјата, правовремено, да се развива сопствената политичка и културна самосвест, што секако било и резултатот на робувањето на туѓите попови, туѓите учители, туѓите капетани, полковници и генерали, на робувањето и прифаќањето како свои вистини на „вистините“ сервирани од туѓите пропаганди, на гинењето во туѓите битки… Да се внимава, да се знае и да не се заборава дека сето тоа робување е замаскирано и затскриено позади познатите флоскули „Македонија на Македонците“ и „борба за обединета и независна Македонија“.

Треба да се внимава, особено, на неразбирливото немање свест од страна на Македонската револуционерна организација за националниот индивидуалитет на Македонците и, уште помалку разбирливото, одработување за бугарската националистичка кауза, заради што, впрочем, во илјада деветстотини и третата ја анатемиса и прогони македонската „Книга на книгите“ од Мисирков. Секако, треба да се внимава за да не се заборави ниту грдиот и непријатен факт дека автономистичката ВМРО, чии традиции некои политички сили ги прифаќаат и продолжуваат, е формирана од бугарските воено-политички структури и дека нама ништо заедничко со македонските национални интереси. На крајот, треба да се внимава и на неповолната историска судбина, во која македонските комунисти кои ја создадоа македонската национална држава, по деведесеттите години на минатиот век се најдоа на страната на поразените во големата светска историја, па тоа неминовно влијаеше врз драстичното искривување на историската вистина и влијае врз неповолните геополитички импликации во современоста.

Треба да се внимава, да, но кој би можел да им ги објасни на нашиве неоврховистички мајмуни, кои непрестано врескаат за некакви сензационални „најнови вести од историјата на Македонија“, дека со исчитување на неколку архивски документи и преписи од бугарските учебници не можат да ги сфатат, ниту трагичните делби и апсурди, ниту неповолните и заплеткани внатрешни и меѓународни односи на развојот на македонското ослободително дело и македонската национална држава, ниту сите исклучително сложени етнонационални процеси кои како бездни се отвораат пред оној кој го проучува македонското минато.

Јасно е дека тие, сепак, ќе продолжат да скокаат и да врескаат за измислени репресии и репресирани, за непостојни бугарски политички жртви, за тоа дека македонскиот јазик е само дијалект, за некаква „заедничка историја“, за „еден народ“… Освен тоа, многу тешко ќе може да им се објасни и на оние национално анемични, безбојни и безлични, неолиберални сирингомиеличари кој нè убедуваат дека доколку не ги прифатиме бугарските антимакедонски и идиотски тези Европа нема да не „прими“ и „прифати“ и дека ќе пропаднеме, значи, кој ним да им објасни дека не постои, ниту некогаш постоела, опција за национално самоукинување. Затоа, треба да се внимава на дејствијата од антимакедонизмот и да се најде начин да се ограничи ефикасноста на сиот овој антинационален отров со кој се труе македонското население, отров кој е сочинет од комбинација на дебилни историски маргиналии, антимакедонски измислици и неолиберални безвредни флоскули.