Тренчевска: Правата на работниците во областа на безбедноста при работа се приоритет

Сподели

 

По повод 28 април, Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска ја посети компанијата Макстил-македонски производител на челик со долга индустриска традиција и трикратен добитник на наградата Најдобра пракса на безбедност и заштита при работа во земјава.

Посетата на Макстил започна со средба со генералната директорка, Марија Дуковска-Павловска, каде што тема на разговорот беа добрите практики во областа на безбедност и здравје при работа  која оваа компанија ги има воспоставено.  

Министерката Тренчевска се осврна на значењето на вложувањето на компаниите во безбедни услови за работа и заштита на здравјето на работниците на нивните работни места. И ги поздрави добрите практики кои Макстил ги има воспоставено и нивното значење  во зголемувањето на продуктивноста на компаниите.

„Покрај постоењето на соодветна законска рамка која ја регулира областа и функционирањето на надлежните институции, тела и органи, за воспоставување и функционирање на ефективни системи и механизми за безбедност и здравје при работа, од исклучително значење е „социјалното партнерство“ и активната и континуирана вклученост, координација, соработка и меѓусебна информираност на работодавачите и работниците, во сите прашања, политики и интервенции кои задираат во безбедноста и здравјето на работните места“, истакна Тренчевска. 

Таа се осврна и на тоа што оваа година денот го одбележуваме во услови кога правото на здрава и безбедна работна средина, од страна на Меѓународната организација на трудот, е признаено и е вклучено како фундаментален принцип и право на работа, давајќи му ја со тоа на ова право истата важност и значење како и останатите досегашни четири принципи и права на работниците кои се од суштинско значење за постигнувањето на „пристојна работа“.

Генералната директорка на Макстил, Марија Дуковска-Павловска истакна дека Макстил во изминативе години континуирано спроведува таргетирана политика за зголемување на безбедноста и здравјето при работа. 

„Подобрувањето на безбедноста е од големо значење и од тие причини како круна на сите активности врзани за безбедноста и здравјето на вработените беше воведен и стандардот ИСО 45001. Сакам да потенцирам дека секоја година во континуитет се зголемува буџетот за инвестиции насочени кон подобрувањето на безбедноста при работа како прв приоритет, а како резултат на целиот наш ангажман можеме да се пофалиме со намален број на повреди при работа. Соработката со докажани експерти на светско ниво во делот на безбедноста и здравјето при работа ни овозможи примена на нови практики при решавањето на секојдневните ситуации во погоните и ни помогна да развиеме проактивен механизам за справување и откривање на можните ризични подрачја на база на повеќекратно преиспитување на целиот производствен процес. Системот за безбедност е дизајниран да ги идентификува и минимизира ризиците на работното место, така што би сакала да истакнам дека подложи на постојано подобрување. Она на што, исто така, посветуваме големо внимание, паралелно со воведување безбедносни стандарди и унапредување на технолошкиот процес, е подигнување на свеста на вработените за безбедноста, како еден од најзначајните сегменти од работењето со што создаваме и средина во која постојано се работи на подобрување на безбедносната култура“, истакна Павловска.

По средбата министерката го посети производниот погон на Макстил – „Валавница“ каде што се произведуваат лимови кои својата примена ја наоѓаат во бродоградбата, градежни мостови, рударски и индустриски машини, секаде каде што е потребен висок квалитет и голема јачина и издржливост на материјалот. Притоа имаше прилика да разговара со дел од вработените кои ги споделија своите искуства во однос на производниот процес и почитувањето на безбедноста и здравјето при работа во оваа компанија.

„Почитувањето на правата на работниците во областа на безбедноста и здравјето при работа се наш приоритет на кои во континуитет вложуваме и така ќе продолжиме“, порача Тренчевска.