Денеска се навршуваат три години од потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија. Договорот беше потпишан во Скопје од тогашниот премиер Зоран Заев и претседателот на Владата на Бугарија Бојко Борисов.
-На денешен ден, пред три години, имавме чест заедно со премиерот на Бугарија Бојко Борисов, да оддадеме почит на илинденците од Крушево и АСНОМ, на светото место пред гробот на Гоце Делчев во Скопје и да го потпишеме Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Покажавме политичка волја за прогрес, за решавање на отворените прашања и направивме историски чекор напред. Создадовме модел со кој го поставивме споделеното минато како темел за подобра иднина и подобар живот на нашите граѓани, напиша денеска на својот Фејсбук профил лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Заев додава дека перспективите на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, а подоцна и Договорот од Преспа со Грција, ни ги донесоа членството во НАТО, отворениот процес за преговори за членство во ЕУ, но и ко-претседавањето на Берлинскиот процес годинава со што за првпат земја која не е членка на ЕУ, зазема лидерска позиција во оваа регионална програма на ЕУ за Западен Балкан.
– Овој успех стана инспирација и модел за соработка за регионот и пошироко, а македонскиот народ и сите граѓани на Северна Македонија ги потврдија своите најблиски сојузници на европскиот и прогресивниот пат кон подобра иднина. Преку овој договор за иднината, се определивме заедно да ја спречуваме злонамерната пропаганда и заедно да бидеме против говорот на омраза и да го поразиме национализмот, истакна Заев.
Тој посочува дека рамката на иднината на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка ги упатува владите на двете земји да бидат безрезервно посветени на остварување на перспективите за развој и напредок на односите на Република Северна Македонија и Република Бугарија и за добробит на своите народи – Зоран Заев.