Граѓанките и граѓаните со децении се соочени со една горчлива реалност. Луѓето во институциите на кои им се доверени високи одговорности, животот, здравјето, достоинството, правдата, правата и слободите, манифестираат краен неморал и алчност. Привилегии во какви што уживаат функционерите во Република Северна Македонија ретко каде може да се најдат низ светот, а секако не во развиените демократски држави. Привилегиите што самите функционери ги гласале низ годините, од осамостојувањето на земјата до денес, не се ништо друго освен злоупотреба и расипништво.
ЦИВИЛ бара да се стави КРАЈ ЗА РАСИПНИШТВОТО. Според ЦИВИЛ, најголема и самата по себе доволна е привилегијата да им се служи на интересите на граѓанките и граѓаните, да се работи на развој на демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи. Не постои и не смее да постои поголема привилегија од тоа!
ЦИВИЛ ја организира трибината КРАЈ ЗА РАСИПНИШТВОТО, посветена на истоимената иницијатива за укинување на привилегиите на функционерите.Трибината ќе се одржи на 5 јуни (среда) во клубот Менада (Стара Чаршија), со почеток во 17 часот. Трибината ќе биде пренесувана во живо на социјалните профили на организацијата.
Барањата за укинување на привилегиите на СИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ, избрани и именувани, поранешни и сегашни, на локално и на државно ниво, беа објавени во соопштението на ЦИВИЛ на 14 мај. Организацијата ги достави барањата до Собранието на РСМ на 17 мај 2019 година, во пет минути до дванаесет часот. Голем број медиуми ги објавија барањата на ЦИВИЛ, а граѓанките и граѓаните ја изразија својата поддршка преку стотици коментари, но и јасно формулирани предлози како да се регулираат привилегиите на функционерите. До ЦИВИЛ веќе стигнаа повеќе предлози, па дури и подготвен законски текст за регулирање на позициите и статусот на функционерите и административците, што ќе биде споделено со јавноста на самиот настан.
ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да се придружат на иницијативата КРАЈ ЗА РАСИПНИШТВОТО и да придонесат кон укинување на привилегиите на функционерите, односно нивно регулирање и ставање во разумни рамки, соодветни на можностите на граѓанките и граѓаните.
На 5 јуни, пред почетокот на трибината во 17 часот, уште од 13 часот натаму, на истата локација, тимот на ЦИВИЛ ќе биде на располагање за изјави за медиумите, средби и консултации со граѓанките и граѓаните чии предлози и документи се добредојдени.
Барањата на ЦИВИЛ, доставени до Собранието на РСМ на 17 мај 2019 година:
ЦИВИЛ – Центар за слобода бара од законодавната и извршната власт да му стават крај на расипништвото и привилегиите во кои уживаат функционерите. Почнувајќи од поранешните претседатели, завршувајќи со раководителите на државните агенции и други институции, сите привилегии мора да се укинат, односно да се редуцираат до ниво што е прифатливо за една сиромашна земја која се декларира како социјална држава, според Уставот.
Бесмислено е да се трошат огромни суми пари за доживотни повластици на поранешните претседатели на државата, без оглед на тоа дали тие биле на висината на својата функција или биле криминалци. Едноставно, нема ниедна логична причина тие доживотно да живеат во раскош на сметка на сиромашните граѓанки и граѓани на Република Северна Македонија.
Функционерите во законодавната и извршната власт, а секако и локалната самоуправа, мораат да се откажат од луксузните автомобили, од патните трошоци, од репрезентативните издатоци, прескапите патувања за кои имаат слаби изговори, луксузниот мебел, набавките на уметнички дела за „декорирање“ на нивниот работен простор и сите останати удопства на кои полагаат право врз основа на закони зад кои стојат сомнителни, па и криминални мотиви.
Сѐ што е до сега набавено, мора да се продаде, а средствата да бидат наменети за подобрување на образованието, здравството и безбедноста. Наместо локалните шерифи да се возат во автомобили од над 50.000 евра, треба да се набават противпожарни и амбулантни возила, или автобуси за учениците. Наместо да се прејадуваат по ресторани, функционерите мораат да работат на борбата против корупцијата и сиромаштијата во земјата.
Апанажите мора да се укинат или да се сведат на минимум. Во оваа земја, социјалната помош му се укинува на примателот, ако заработи екстра приход од собирање пластични шишиња во вредност од 300 денари!
Неприфатливо е да се креираат, а потоа и до максимум да се користат сите прописи според кои функционерите, практично, не мораат во ниеден момент да посегнат по својот џеб. Секоја чест на исклучоците за кои знаеме дека ги има и чесно и одговорно се однесуваат кон јавните ресурси. Но, поединечните добри примери меѓу функционерите не се доволни!
ЦИВИЛ бара да се ревидираат сите законски регулативи според кои им се даваат прекумерни привилегии и на актуелните и на функционерите во заминување. Во време кога ни умираат деца поради лошото здравство, кога младите во огромен процент се функционално неписмени, кога луѓе гладуваат и се мрзнат по своите домови, не може да се трошат 165.000 евра годишно за некого, па нека е тоа и поранешен претседател.
ЦИВИЛ бара воведување стандарди според кои набавките ќе бидат не само транспарентни, туку и рационални! Возилата не смеат да бидат луксузни, ни во голем број, туку да одговараат на практичните потреби на институциите и луѓето што ги раководат. Истото се однесува на сите останати аспекти од нивното трошење.
Воедно, го известуваме Собранието на РСМ дека до ЦИВИЛ веќе почнаа да пристигнуваат предлози за измени и интервенции во низа законски одредби со кои се регулираат привилегиите, но и низа прескапи процедури во разни домени на функционирањето на институциите на сите нивоа на власта во државата.
КРАЈ ЗА РАСИПНИШТВОТО!