Tрибина за подигање на свеста за дарување органи

Сподели

daruvane-organi

Запознавање на населението со проблемот со органодарителство и трансплатација на органи и подигање на свеста кај народот за дарување органи беше целта на трибината, која е дел од капмањата „Дарувајте орган – подарете живот“ што се одржа во организација на општинската организација на Црвениот крст – Струга.

Проблемот, според доктор Гоце Попоски, специјалист по трансфузиона медицина од Заводот за нефрологија – Струга, постои и за него многу малку се дискутира.

– Со овие работилници треба да се истакне дека постои проблем и да се надминат сите прадрасуди и бариери што постојат. Секој од нас е потенцијален давател на орган, а во текот на животот може да биде и потенцијален примател. Затоа и треба да се разговара за органодарителството, истакна Попоски.

 Според него, потребно е секој од нас во текот на животот да се изјасни дали по неговата смрт би сакал неговите органи да бидат дарувани на друго лице. Дарувањето органи, информира дека законски е регулирано, но сепак постојат други аспекти кои пречат да заживее кадаверичната трансплатација во Македонија.

Доктор Милот Ризвани, општ лекар во Брза помош во Струга смета дека трансплатацијата органи за македонските граѓани е многу скапа и секој не може да си ја дозволи. Посочи дека со влегувањето на Македонија во Европската унија, државата ќе стане членка и на Европска асоцијација на органодарители, со што, според него, можностите за наоѓање кадавер ќе бидат поголеми, а трошоците ќе се сведат на минимум.

– Бидејќи не сме членки на Европската асоцијација и ако се најде трансплант во странство потребни се 50.000 до 100.000 евра. Ако сме членки на Европската асоцијација нема да чини ништо ни процедурата ни органот, а можностите се големи во тек на неколку месеци да се најде орган, истакна Ризвани.