Цаца – Николовска: И покрај мислењето на Врховен суд за СЈО, осомничените нема да се спасат

Сподели

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, вели дека иако Врховниот суд донесе начелно правно мислење со кое се запираат истражните постапки на Специјалното јавно обвинителство, сепак осомничените нема да се спасат од кривична одговорност. Според неа правниот систем во Македонија треба да продолжи со истражните постапки на предметите кои СЈО не успеа да ги доврши, пишува „Порталб“.

– Факт е дека сите политички партии се согласија за формирањето на ова обвинителство. Тоа е голем и јак елемент за негово постоење. Со негово минизирање сега, јас се согласувам дека СЈО е мртво, сепак нема да може да се ослободат од кривична одговорност на овој начин. Сепак има правен систем и тој правен систем мора да најде начин предметите во кривичната област да се процесуираат и на овој или оној начин дојдат до крајно решение – изјави денеска поранешната судијка.

Таа ја искритикува одуката на Врховниот суд велејќи дека тој нема надлежност да го толкува законот, туку таа надлежност ја има единствено Собранието.

Инаку, денеска и скопскиот Кривичен суд побара од јавниот обвинител Љубомир Јовески да се изјасни кое обвинителство треба да ги води случаите на СЈО, а истовремено и да побара автентично толкување од Собранието.