Државата е уставно одговорна за управување со националните прашања, му напиша грчкиот премиер Алексис Ципрас на поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос и додава дека секогаш се отворени вратите за дијалог, а црквата, колку што може, да придонесе за Грција „во духот на единството и рационалноста, без грешките од минатото, успешно да се справи со прашањето во односите со ПЈРМ“, пренесува МИА.
„Во однос на прашањето што го споменувате, за односите со поранешната југословенска Република Македонија, дозволете ми, да Ве уверам дека мојата влада е решена да се справи со прашањето со чувство на национална одговорност, на цврста одбрана на националните интереси и стремеж кон односи на мир, соработка и пријателство со сите народи од регионот. Сериозно ќе го земеме предвид сѐ она што го споменувате во однос на црковниот аспект на прашањето. А пред сѐ, со прашањето ќе управуваме со одговорноста што ни ја дадоа уставот и изборот на грчкиот народ, во духот на дијалог и национално единство“, му напиша меѓу другото Ципрас на Јеронимос, објави МИА.