Договорот од Преспа испраќа порака наспроти доминантната струја во Европа, струјата на национализмот и радикалната реторика, дека преку пријателството и соработката на народите, преку мирот, соработката и зближувањето, можеме да најдеме патишта за перспектива за денес и утре, за идните генерации, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас од Солун, за време на претставувањето на кандидатот од СИРИЗА за периферијата Централна Македонија на претстојните локални избори во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Ципрас говореше за перспективите и можностите што се отвораат за Солун и Северна Грција, по Договорот од Преспа, рече дека тој дел од земјата уште пред многу години можеше да оди напред, но некои „кои на политичката берза знаат многу добро да продадат квазипатриотизам и наводен патриотизам, се погрижија да ги спречат овие можности за земјата со цел да изградат свои политички кариери“.
– Оваа област, Централна Македонија, Македонија во целост, Северна Грција, не може да оди напред и да се развие ако е со завртен грб кон соседните земји и соседните народи. Секогаш во историјата беше место за средба на култури, народи, трговија, мултидимензионална економија и само како такво може да има перспектива во иднина – рече грчкиот премиер.
Истакна дека сите во минатото се погрижиле да се создаде впечаток дека градат ѕидови пред соседните народи, а во суштина изградиле ѕид за Грција и можностите за развој на регионот.
– И кога наводно градеа ѕидови, она што го направија беше да го поттикнат иредентизмот на нашите соседи, а во исто време да создадат услови за изолација за нашата земја – додаде Ципрас во обраќањето.
Додека траеше говорот на грчкиот премиер во салата за конференции на солунскиот саем, мала група граѓани одржа протест, извикувајќи слогани против Договорот од Преспа.