ЦИВИЛ: Членовите на ДИК се одговорни пред граѓаните и законот, не пред партиските лидери

Сподели
Државата има обврска да обезбеди услови за сите свои граѓанки и граѓани да го искористат своето право на глас! Ова е право гарантирано од Уставот, законите и меѓународното право. Во ова обраќање до јавноста и до Државната изборна комисија, имаме намера да укажеме на неколку прашања поврзани само со еден сегмент од работата на оваа институција – листата на спорните гласачи. 

Administration bootsАктивната регистрација на гласачите не беше предвидена со Изборниот законик на почетокот на реформите, за потоа да се  наметне како услов за 39,502 спорни гласачи од Избирачкиот список самите да го оправдаат своето постоење на таа листа. И тоа ќе беше сосема прифатливо, но доколку државата обезбедеше основни услови тој процес да се спроведе, да биде транспарентен и институциите да манифестираат барем минимум почит кон правото на глас кое им припаѓа на сите граѓанки и граѓани подеднакво. Но, еднаквоста заврши со еднаков третман на фантомските и реалните гласачи. Криминалното манипулирање со Избирачкиот список удри токму врз достоинството на граѓаните и врз законитоста на процесите поврзани со изборите.

Целиот процес го следеа недоследности и комични ситуации. На самиот почеток, медиумите, граѓанските новинари и набљудувачите на ЦИВИЛ изнесоа сомнежи дека таа бројка вклучува и лица за кои нема основи да се наоѓаат на листата на сомнителните. Понатаму, ЦИВИЛ откри низа случаи на фантомски гласачи кои, пак, не се најдоа на листата на сомнителни.

Дури и уредникот на ЦИВИЛ Медиа се најде на листата на сомнителните, откако претходно самиот пријави фантоми на својата адреса. Одговорот на ДИК беше едноставен – го ставија на листата на сомнителни, па заедно со фантомите, го поканија и него да ја докажува својата легитимност како гласач.

ЦИВИЛ се обиде да помогне на различни начини, преку укажувања, објава на индикативни случаи и експертизи, како и преку директни обраќања. Освен во неколку неформални контакти без епилог од кој може да се научи или заклучи било што, Државната изборна комисија не го удостои ЦИВИЛ со одговор.

Јавноста треба да ја знае вистината за ревизијата на Избирачкиот список. Државната изборна комисија мора да излезе со сериозен извештај пред граѓанките и граѓаните на Република Македонија.

До ДИК испративме неколку прашања кои до денешен ден останаа без одговор. ДИК ја прашавме каков ефект очекуваат од кампањата за јакнење на јавната свест за регистрирање на граѓанките и граѓаните кои се најдоа на листата од 39,502 сомнителни гласачи. Кампањата започна со задоцнување и откако стана очигледно дека темпото на пријавување е бавно. Притоа, само еден дел од проблемот беше тоа што, на пример, не беа познати локациите на подрачните единици на Министерството за правда, а некои беа нефункционални, според пријавите до ЦИВИЛ.

Ги поставивме легитимните прашања зошто се доцни со кампањата, но и колку чини таа, како се спроведува и според која процедура се обезбеди таа кампања. Одговор на овие прашања сѐ уште нема.

Исто така, јавноста до сега не доби одговор ни на прашањата каде и на кој начин се дистрибуираше пораката односно повикот за регистрација од ДИК и дали сето тоа беше достапно за сите заедници кои живеат во Македонија.

Уште поважни се прашањата за тоа дали ДИК ја искористи предвидената законска можност по службена должност да врши запишување, дополнување и бришење на граѓаните од Избирачкиот список, а врз основа на податоците од матичните книги, евиденцијата за живеалиште и за државјанство, други евиденции и со непосредно проверување на граѓаните?

Во тој контекст, дали ДИК побара и, доколку побара, дали доби ажурирани евиденции од надлежните органи со цел да извршат проверка на Избирачкиот список? Ако не добиле ажурирани евиденции, каква беше реакцијата и како ДИК ја оценува својата работа без таквите податоци?

Ова се само неколку од прашањата на кои ДИК не даде одговор до сега, а уште повеќе прашања следат.

Се надеваме дека некој во ДИК знае дека на овие и слични прашања не може да нема одговор. Некаде мора да се пресече и да се застане на патот на нетранспарентното и неодговорното работење на институциите.

Членовите на ДИК не одговараат пред своите партиски лидери, туку пред законот и пред граѓаните на Република Македонија!

ЦИВИЛ нема намера да се конфронтира со најрелевантната институција која има обврска да обезбеди услови за слободни избори, но ни оддалеку не може да си дозволи да ги премолчи прашањата и барањата за функционирање на институциите во согласност со Уставот, законите и меѓународното право.