ЦИВИЛ го започна проектот ,,Обединети во различноста”

Сподели

 

ЦИВИЛ го започна проектот ,,Обединети во различноста” во соработка со Министерството за надворешни и европски прашања на Луксембург. Целта на проектот е надминување на погубните последици од етничките тензии преку кампања за јакнење на јавната свест, со цел да се разберат и деконструираат националистичките наративи и да се предложат начини како да се надминат поделбите, тензиите и насилството по етничка основа.

Преку овој проект, ЦИВИЛ има намера да прати силна порака против национализмот и да ги повика граѓаните да продолжат со поддршката на ЕУ иднината на Северна Македонија. Македонското општество е мултикултурно, мултиконфесионално и мултиетничко. Овој факт на реалноста ги претставува и убавината и големите потенцијали на земјата.

Проектот на ЦИВИЛ ,,Обединети во различноста” е добра можност да се говори за убавината на различноста и да се даде глас на големото мнозинство од луѓе кои ги прифаќаат европските вредности и процесот на интеграцијата во Европската Унија. Различноста претставува огромен потенцијал за просперитет и благосостојба на сите индивидуи и заедници во општество што живее во хармонија со самото себе. Различноста ја поттикнува креативноста и ги зголемува можностите за успех во сите сфери на општеството, вклучувајќи ја и економијата, социјалната благосостојба, културата, образованието, како и од многу други аспекти. И… тоа е Европа.

Гласот на граѓанките и граѓаните, креаторите на јавното мислење, јавните личности и граѓанското општество ќе бидат слушнати преку низа статии, изјави и интервјуа. Како и секогаш, ЦИВИЛ останува отворен за сите што сакаат да придонесат кон иницијативата со прашања, коментари, статии, фотографии и видеа во контекст на различностите.

Пораката е да бидеме ,,Обединети во различноста”. Да работиме за мир и просперитет и истовремено да го осознаеме богатството што произлегува од нашите различни култури, традиции и јазици.