ЦИВИЛ: На избори се оди со непрочистен избирачки список! (ВИДЕО)

Сподели

CIVIL logo FOR BLOG

Oд прес-конференија на Цивил:

Од почетокот на изборната кампања до денеска во ЦИВИЛ секојдневно пристигнуваат реакциите на граѓанките и граѓаните, кои пријавуваат нерегуларности, притисоци, закани во државната администрација во бројни општини, ширум Македонија.

Се жалат дека репрезенти на владејачката политичка партија, кои во моментов се наоѓаат на раководни места, од нив бараат задолжително присуство на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ, почнувајќи од првиот во Охрид, па сите натаму.

Граѓанките и граѓаните се револтирани и гневни затоа што Државната изборна комисија, како што велат, не презема мерки и не ги брише ‘фантомите’ од нивните домови. Има различни случаи. Се пријавуваат ‘стари фантоми’ кои не се избришани и покрај ревидирањето на Избирачкиот список. Во друг случај, ‘старите фантоми’ се избришани, но има појава на нови. Во едно семејство се појавуваат дури и 7-8 нови ‘фантоми’. Граѓани пријавуваат свои двојници, значи свој ‘фантом’ кој има ист матичен број, име и презиме, но различна адреса.

Општина Ресен е еклатантен пример за присуството на ‘фантоми’. Во оваа општина освен градот има уште 43 рурални средини, но од нив 39 се активни населени места. Во Избирачкиот список се евидентирани 17.011 гласачи, а околу 1000 се ‘фантоми’.

 Еве неколку примери:

Избирачко место (ИМ) 1651, село Наколец има вкупно 262 жители според пописот од 2002 година, а сега се евидентирани 325 гласачи. ИМ 1652 што ги опфаќа жителите на двете села: Крани и Арвати реално со 553 жители, а евидентирани се 702 гласачи. ИМ 1649 во с. Брајчино е со 134 жители, а 180 гласачи. Во ова населено место вкупно живеат, според нашите сознанија, 60-ина луѓе и едвај едно лице годишно станува полнолетно. ИМ 1670 во с. Стење, меѓу другите има 8 гласачи од с. Отешево. А, Отешево нема жители, бидејќи е само туристичка населба и луѓето доаѓаат во лето на викенд или одмор. ИМ 1659  во с. Грнчари има вкупно 417 жители, но 644 гласачи.

Тројца ресенчани кои утврдиле дека имаат ‘фантоми’ на своите адреси, случаите ги пријавиле навреме. Поднеле претставки до ДИК, но немало ефект. Во меѓувреме еден од тројцата починал, но негови блиски велат дека тој е итно избришан од Избирачкиот список, а ‘фантомите’ и натаму се тука.

Државната изборна комисија и покрај тоа што континуирано ги пријавуваме овие случаи – нема одговор. Дури утрината на 28 ноември, токму пред прес конференцијата, ЦИВИЛ доби одговор од ДИК, дека всушност нема механизам, нема начин да се избришат ‘фантомите’ од Избирачкиот список, затоа што тие лица што имаат лични карти издадени од МВР, се валидни. Наодите презентирани тука се само еден дел од случаите до кои дојде ЦИВИЛ во изминативе седум дена од почетокот на изборната кампања.

(Прес конференција на ЦИВИЛ, Скопје, 28 ноември)