ЦИВИЛ: Осуда за злоупотребата на државната помош на сметка на работниците

Сподели

 

ЦИВИЛ најостро ги осудува противзаконските и нехумани постапки на работодавачите кои примиле финансиска помош од државата и – наместо да им дадат плати на своите вработени – тие ги задржале парите за себе. Тоа е незамисливо срамно и крајно неприфатливо однесување кое мора веднаш да биде санкционирано.

Финансиската поддршка од државата била за справување со кризата предизвикана од Ковид-19, односно да се зачуваат работните места на работниците, а не работодавачите незаконски да профитираат врз грбот на работниците за време на најголемата здравствена, социјална и економска криза со која се соочува не само нашата земја, туку и целиот свет.

Овој случај не смее да заврши во корист на моќниците, а на сметка на работниците кои, во голем број случаи, едвај врзуваат крај со крај.

Државата не смее да биде милостива кон газдите. Напротив, треба да покаже строгост и праведност, најостро да ги санкционира сите кои мислеа дека ќе успеат да „го измамат системот“.

ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани кои сметаат дека се оштетени или дискриминирани по било која основа, да го пријават својот случај во организацијата.