ЦИВИЛ го спроведува проектот „Патриотизам – ДА, национализам – НЕ!“ со цел придонесе кон зајакнување на соживотот, подобрување на односите со соседите и кон забрзување на евро-атлантските инегративни процеси на Македонија.
Клучно прашање со кое ќе се занимава проектот е фактот дека национализмот има девастирачки ефект врз интегративните процеси и врз целата земја воопшто. Проектот се спроведува во извонредно важен и деликатен момент за земјата, со оглед на фактот дека во тек е засилен процес на решавање на спорот со името, како и крупни чекори во поглед на ЕУ и НАТО интеграциите.
Целта на проектот е да се објасни разликата меѓу патриотизмот и национализмот и да се прикажат придобивките и последиците од национализмот, со што ќе се придонесе кон зајакнување на соживотот, подобрување на односите со соседите и кон забрзување на евро-атлантските инегративни процеси на Македонија.
Со овој проект, во кој ќе има 120 содржини и активности за само 11 недели колку што трае иницијалната фаза, ЦИВИЛ јасно ќе ја прикажат разликата меѓу патриотизмот и национализмот. Едниот ѝ помага на земјата, а другиот влијае деструктивно. Граѓанките и граѓаните ќе добијат уникатна можност да проследат и да бидат дел од еден јавен дијалог, ќе се едуцираат и ќе им се даде можност да придонесат кон надминување на последиците од национализмот.
Тимовите на ЦИВИЛ ќе ги постават прашањата: „Што е патриотизам, а што национализам? Кои се придобивките од едниот, а последиците од другиот? Што можат граѓанките и граѓаните, а што институциите и другите структури на моќта во земјата да направат, за да се надминат последиците од деструктивното влијание на национализмот?“
Одговорите ќе се бараат преку анкети, колумни и интервјуа, а ќе се подготват анализи и препораки кои организацијата ќе ги соопшти на средби со медиумите и граѓанките и граѓаните, како и со институциите на локално и национално ниво.
Проектот е поддржан од програмата Цивика Мобилитас.