ЦИВИЛ најостро ги осудува нападите, клеветите и заканите кои деновиве Константин Плевнеш, професор во ЕСРА, ги упати до проф. Катерина Колозова и нејзините пријатели. Уште повеќе што ваквото однесување на Плевнеш е нешто што во континуитет поминува неказнето.
Бараме од Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи веднаш да постапат по пријавите на засегнатите личности. Потсетуваме дека неказнивоста на ваквите дела дополнително ги охрабрува сторителите да ги повторуваат своите навистина грозни дела кои од говор на омраза лесно можат да прераснат во дела од омраза!
Апелираме до надлежните да ја сфатат сериозноста на овие постапки и најитно да ги санкционираат оние кои си дозволуваат да малтретираат и јавно да понижуваат кого било.
Потсетуваме дека целиот случај добива поинаква димензија и поради тоа што се работи за јавни личности, во случајов професор, кој би требало да биде пример за своите студенти. Поттикнување на ширењето на говор на омраза, сајбер булингот и клеветењето се неприфатливи за академска личност.
За жал, мониторингот на ЦИВИЛ како организација за човекови права, констатира дека е огромен бројот на јавни личности кои се служат со говорот на омразата и ја поттикнуваат јавноста да го прави истото. Институциите мора да ги преземат сите потребни мерки за да се санкционираат, а со тоа и да се намалат злоупотребите на социјалните мрежи од страна на јавните личности пред сè.
Ги повикуваме граѓаните да се охрабрат и да ги пријавуваат случаите на говор на омраза на социјалните мрежи. Тоа може да го сторат на нашата пријава за говор на омраза, но и до надлежните институции како МВР и Јавното обвинителство.