Во здравствените домови, болници, општини, училишта, во повеќе градови во Македонија, како што јавуваат граѓан(к)и и граѓански новинари, се врши интензивна мобилизација не само на државната администрација, туку и на сите буџетари, за митингот на ВМРО-ДПМНЕ закажан во Скопје, објави Цивил Медиа.
„Се прават списоци во училишта, се ангажираат наставници и професори, им се наложува задолжително да присуствуваат на митингот во недела“, вели граѓанка од мало гратче во Источна Македонија, која инсистира на својата анонимност, исплашена за својата безбедност и работна иднина.
Од друг град од внатрешноста, пак, јавуваат граѓански новинари, се прават списоци на вработени во образованието и во Општината.
„Ќе се потпишуваат на список при влез во автобус, а потоа, кога ќе стигнат во салата’Борис Трајковски’, на списокот ќе треба да стават потпис, како потврда за нивното присуство. Кажано им е дека не смеат да отсуствуваат. На луѓето, иако се партиски членови, веќе им е здодеано да се јавуваат на сите митинзи, па наместо доброволно, од нив да се бара задолжително присуство“, вели граѓанскиот новинар, соработник на Цивил Медиа
„Отидов на преглед во болница, и наместо да направат целосно ехо на стомак, докторот, вознемирен поради престојните активности, го скрати прегледот и ми рече дека во следната прилика, ќе ми обрне повеќе внимание“, се жали соговорничката на Цивил.
Од еден од поголемите македонски градови, доаѓаат реакции, дека масовно се вршат подготовки за митингот во недела.
„Па, на ништо друго не мислат, само тоа зборуваат. Особено оние нововработените, на коишто им се ветуваат решенија на неопределено… Тоа што им кажуваат на состаноци, тие го пренесуваат на работни места, собрани во групи во ходниците, додека излегуваат на пауза“, вели соговорничката на Цивил.