Црвена Јабука, Црнила Ремикс и летно кино на отворено на „Summerland”

Сподели

 

Првиот скопски летен фестивал „Summerland” 2019, започна во четвртокот со бендот „Нокаут“, а викендот кој измина беше тематски  со настапи на познати европски трибјут бендови кои изведуваат песни од ЕКВ, Балашевиќ, Металика, Ајрон Мејден, Арктик Манкис и Џо Кокер.

 

 

Во срцето на Градски Парк, посетителите имаа можност да уживаат и во забавните зони за деца и возрасни. Фестивалската забава продолжува и денес со хип хоп сет на Дј Мац, а во вторник во рамки на фестивалот за првпат во Скопје ќе биде организирана и голема дружба со миленици.

 

 

Шепастата забава има за цел да ги едуцира граѓаните околу вдомувањето и чување на миленик, но и да се помогне на бездомните животни. Секој кој сака да донира, во соработка со Нула Отпад, може да донесе празни батерии и ситен електронски отпад. За да бидеме општествено одговорни и да ја чуваме околината, наместо со пари, на одреден дел од штандовите со празни батерии ќе може да се купи и пијалок.

 

 

Во наредните денови, на Школка ќе  се игра и првата хип хоп претстава во регионот „Црнила Ремикс“, а во летното кино на отворено, во соработка со МКЦ, граѓаните ќе може да ги погледнат македонските наградувани филмови „Господ постои, името и е Петрунија“ и „Џган“. Следуваат и настапите на Амон Мра, Летечки Пекинезери, проектот The Music Room, Културно Уметнички Работници,  а во сабота гостува легендарната сараевска група „Црвена Јабука“ и еден од најдобрите вокали во регионот- Дражен Жериќ Жера.

Секојдневно на „Summerland” ќе има и спортски, забавни и едукативни активности како вежбање аеробик, зумба и крос фит, часови по латино и хип хоп танцување, хуманитарно готвење за бездомните лица, изложби на отворено, цртање во живо, детски работилници, како и програма за деца. Во детското катче, најмалите ќе имаат можност да се дружат со GP и Стефонатор, Војо Иванов, но и еден ден бесплатно да ја посетат Зоолошката градина и да ја погледнат уникатната претстава „Хакуна Матата во Зоо парк“. Целосната програма за фестивалот, како и распоредот за секој настап и активност одделно, може да ги прочитате на Фејсбук страницата на „Summerland”.

 

 

Фестивалот е под покровителство на Град Скопје и има за цел да биде пријатно место во текот на месец јули, за сите оние кои се дома, да можат секојдневно да имаат каде да го поминат слободното време, да се рекреираат, дружат и уживаат во богатата културно-уметничка програма.