На покана на Здружението за заштита и спасување во планина и на непристапен терен „Асклепиј“, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, ја посети истоимената Ски патрола на терен – на Скијачкиот центар „Попова Шапка“, каде што оствари средба за запознавање со нивната работа со познатиот алпинист и двигател на многу проекти од сферата на спасување човечки животи на планина, Константин Циривири.
Покрај директното запознавање со динамиката на работа, Ангелов се запозна и со проблемите со коишто се соочуваат овие спасители, а чиешто решавање би значело и зголемена безбедност на скијачите и посетителите на Ски центарот, а и пошироко.
Центарот за управување со кризи, согласно своите ингеренции и можности, преку соработка со ваквите активни невладини организации го зголемува и потенцијалот на системот за управување со кризи што преку координција би дал подобри резултати за лување и за спасување животи, а и материјални и природни добра.
Во поглед на случените повреди, конкретно на теренот на Ски ценарот, истакна Циривири, околу 20 до 30 проценти биле сериозни повреди за коишто е потребен медицински транспорт.
Практиката покажала дека во една скијачка сезона има околу стотина такви сериозни повредени, при што некогаш во еден ден може да има и по повеќе од два до три итни случаи на повредени. Транспортот на повредените од скијачките терени го извршуваат спасувачките Ски патроли со специјана „аки“ санка што ја придвижуваат два скијача – спасители или со моторна санка до првиот пат којшто е најблизу до местото на повреда, а потоа го преземаат медицински лица со возилата на медицинска брза помош.
Значајно е што Ски патролата работи и по меѓународни стандарди, бидејќи ова здружение за заштита и спасување во планина и непристапен терен „Асклепиј“ е првата организација во нашата држава, а е се уште и единствената, којашто стана член (од 2016-та година) на Меѓународната комисија за алпско спасување ICAR-CISA (International Commission for Alpine Rescue).