Турската војска почна операција „Извор на мирот“ во Сирија

Сподели

 

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган вчера објави дека турската војска почна операција „Извор на мирот“ против Курди и терористи на ИД во северна Сирија. Веднаш потоа, турската авијација нанесе воздушни напади врз погранични градови, а подоцна беше почна и копнена операција.

Целта на Анкара е да создаде таканаречена “безбедна зона” без присуство на курдската милиција, во која е планирано да се сместат дел од трите и пол милиони сириски бегалци сместени во Турција. Дел од турските медиуми објавија дека операцијата го алармирала и соседен Ирак, кој на границата со Сирија веќе почнал да распоредува војска.

Турската офанзива не наиде на одобрување од меѓународната заедница. Вашингтон повеќепати ја предупредуваше Турција да не презема офанзива во североисточниот дел на Сирија.

Министерството за одбрана на Турција соопшти дека терористите се единствената цел во рамките на операцијата. Тие наведуваат дека операцијата се спроведува во согласност со меѓународните законски стандарди и резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации во однос на борбата против тероризмот.

 

 

Американскиот претседател Трамп претходно се закани со санкции кон Анкара, ако турската офанзива ги надмине границите на дозволеното.

Претседателот на САД, Доналд Трамп вчера соопшти дека САД не ја поддржуваат воената операција на Турција во Сирија, и оти нападот е лоша идеја.

– Турција, членка на НАТО, ја нападна Сирија. САД не го одобруваат овој напад и ѝ ставија на знаење на Турција дека оваа операција е лоша идеја. Нема американски војници во областа. Од првиот ден кога влегов во политичката арена, јасно ставив до знаење дека не сакам да се борам во оние бескрајни, бесмислени војни – особено оние од кои САД немаат корист, се посочува во пишаната изјавата на Трамп.

Тој додаде и дека „Турција се обврза да ги заштити цивилите, да ги заштити религиозните малцинства, вклучително и христијаните, и да се осигура дека нема да се случи хуманитарна криза – и ние ќе ги држиме за збор. Покрај тоа, Турција сега е одговорна да обезбеди сите борци на ИД кои се држат во заробеништво да останат во затвор и е одговорна ИД да не се реструктуира на кој било начин или форма.

Поради турската офанзива во Сирија Советот за безбедност на Обединети нации денеска ќе разговара зад затворени врати на барање на пет европски држави (Велика Британија, Франција, Полска, Германија и Белгија), додека Арапска лига в сабота ќе одржи вонреден состанок на барање на Египет.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш синоќа изрази длабока загриженост околу ситуацијата во североисточниот дел на Сирија.

– Генералниот секретар на ОН е сериозно загрижен поради моменталните случувања во североисточниот дел на Сирија. Сите воени операции треба да се спроведуваат согласно уставот на ОН и нормите на меѓународното хуманитарно право и треба да се гарантира безбедноста на граѓаните и цивилната инфраструктура, истакна официјалниот претставник на генералниот секретар, Фархан Хак.