АНКАРА (АА) – Со влегувањето во сила на одлуките на Владата на Турција донесени на последната седница во Анкара, откажани и поништени се именувањата на службените лица кои на незаконски начин дошле до прашањата или одговорите за тестирањето за избор на кадар во јавната служба (KPSS), јавува Anadolu Agency ( AA).
Одлуката на Владата на Република Турција, број 670, којашто со оглед на прогласената вонредна состојба во земјата по обидот за државен удар на терористичката организација ФЕТО, има тежина на закон, стапи во сила со денешното објавување во Службен весник.
Според одлуката, именувањата на службениците што се извршени според резултатите од испитот КПСС од 10 и 11 јули 2010 година, ќе останат во сила, освен во делот на оние лица кои на незаконски начин дошле до прашањата и / или одговорите на споменатиот тест.
Така, од различни институции се отпуштени 2.692 вработени поврзани со терористичката организација ФЕТО, повеќето од полицијата, 2.360, а потоа 196 од различни служби, 112 од турските вооружени сили и 24 од крајбрежната стража.
Се работи за членови на ФЕТО, кои со крадење на прашањата или одговорите на прашањата за испитите по општо знаење за пристапување до јавните служби, се инфилтрирале во голем број институции и напредувале во службата на незаконски начин.
Некои од членовите на терористичката организација во рамките на истрагата за обид за државен удар на 15 јули, признале дека од другите членови на ФЕТО добивале прашања и одговори пред испитите за прием во државната служба.