Градските власти на Анкара синоќа воведоа забрана за одржување на јавни собири и манифестации во градот, поради стравување дека тие би можеле да бидат цел на терористички напади.
Во соопштение објавено на интернет страницата на градската управа се наведува дека до 30 номеври 2016 година се забрануваат сите собири и манифестации на јавни места, како што се булевари, плоштади, улици и паркови.
Како што објавија турските медиоуми, градските власти на Анкара наведуваат дека ваквата одлука е донесена по добиените разузнавачки информации дека „терористички организации се подготвуваат за напади“.
Одлуката за забраната за јавните собири е прогласена врз основа на одредбите од решението за воведување на вонредна состојба во земјата, донесено од страна на турските власти по обидот за воен преврат од 20 јули годинава, која на 11 овој месец беше продолжена за уште три месеци.