Турција: Започна кампањата за референдумот за уставни промени

Сподели

Високата изборна комисија на Турција објави дека од денес започнува кампањата за референдумот за уставни промени закажан за 16. април, јавува Anadolu Agency (AA).

Од денес, на политичките партии им е официјално дозволено да водат кампања за уставните промени коишто би можеле да ја отворат вратата за воведување на претседателскиот систем во Турција. На референдумот на 16. април, од граѓаните со право на глас ќе биде побарано да одговорат со „да“ или „не“ на прашањето за предложените 18 амандмани на Уставот.

Кампањата за референдумот ќе трае до 15. април, до 18 часот по локално време.

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган ќе започне кампања за „да“ на референдумот, со одржување серија собири в петок, во областа Караманмараш.

Главната опозициска партија, Републиканската народна партија (ЏХП) планира в понеделник да започне кампања за „не“ на референдумот, со медиумски отстапувања и митинзи во поголемите градови, како што се Истанбул, Анкара и Измир.

Турските државјани во странство ќе можат да гласаат во периодот од 27 март до 9 април, на гласачките места во амбасадите и во конзулатите, како и во турските пристаништа и аеродроми. Овие гласови ќе бидат преброени во Турција, во текот на референдумската ноќ.

Дискусијата за уставните промени трае од август 2014 година, кога тогашниот премиер Реџеп Таип Ердоган беше избран за претседател. Законот е усвоен во Парламентот во јануари оваа година, со 339 гласа за, девет повеќе отколку што беше потребно за предлогот да се стави на референдум.

Според предлогот за уставните промени, претседателот ќе добие широки извршни овластувања, а позицијата на премиерот ќе биде укината. На претседателот ќе му биде дозволено да ги задржи врските со политичката партија.

Останатите промени ја вклучуваат и возраста на кандидатите за пратеници во Парламентот, која ќе биде намалена на 18 години, а бројот на пратеници ќе се зголеми на 600. Според новиот Устав, парламентарните и претседателските избори ќе се одржуваат паралелно, на секои пет години, почнувајќи од ноември 2019 година.

Anadolu Agency