Украинските власти соопштија дека уапсиле две лица кои работеле за руските разузнавачки служби и имале задача да го убијат украинскиот министер за одбрана, како и раководителот на национална служба за воено разузнавање и неименуван украински активист, пренесува Гардијан. Двете лица се веќе во притвор, а работеле за руската воено-разузнавачка агенција ГРУ. Едно од лицата било од Луганск, додека второто лице било од Кијив. На двете лица им била ветена награда до 150.000 долари за убиство на секое од трите лица.
Британското Министерство за одбрана во најновиот извештај посочува дека руските сили оствариле минимален напредок во текот на изминатиов месец на фронтот во Донбас. Најуспешен пробив имале во правец кон градот Бахмут во Донецкиот регион, каде што напреднале 10 километри. На другите линии на фронтот во Донбас, руските сили успеале да освојат не повеќе од три километри за период од 30 дена, пишува Гардијан.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за весникот „Вашингтон пост“ ги замоли западните нации да го забранат влезот на руските граѓани на нивна територија. Најважните санкции против Русија би биле да се затворат границите, бидејќи Русите треба да живеат во свој свет до оној момент додека не ја променат нивната филозофија.
Инаку, руските сили и во изминатово деноноќие продолжија со гранатирање на населени места во Украина. Само во Донецкиот регион во текот на изминатово деноноќие загинале тројца цивили, додека 19 лица биле повредени при гранатирањето на населени места, пишува Укринформ.
Најмалку еден цивил го загуби животот, а пет лица се повредени во руското гранатирање на Харкивскиот регион во текот на изминатово деноноќие, ги пренесува Укринформ информациите на украинските власти. Ракетирање во изминатово деноноќие имало и врз градовите Никопол и Марханец во Днипропетровскиот регион, пренесува Укринформ./Мета.мк