Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, учествуваше во подготовка на хуманитарни пакети со прехрамбени производи, средства за лична хигиена и за одржување на домаќинствата наменети за поддршка на граѓаните од најранливите категории кои се во социјален ризик, погодени од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, во МладиХаб – Канцеларија на претседателот.
Активноста е во рамки на проектот „Волонтираме за солидарно општество“ што е под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, а се реализираше заедно со здружението на граѓани за помош на бездомници, социјално загрозени семејства и поединци „Љубезност“, со здружението за хумано-општествен развој – Проект Среќа и со волонтери од партнерски организации.
Пакетите, во соработка со здруженијата, ќе бидат распределени на семејства во социјален ризик чијашто состојба е отежната поради кризата предизвикана од пандемијата со коронавирусот, а дел од нив ќе бидат распределени и во пресрет на празникот Рамазан Бајрам.
За оваа хуманитарна акција, овој пат донираа компаниите Пекабеско АД, Макпрогрес, Рамстор, Алкалоид, Виталија, Тинекс и ЕВН Македонија.
Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија ги повикува и останатите општествено одговорни компании да се вклучат со свој придонес, со цел во овие тешки денови да им помогнеме на ранливите категории на граѓани, на оние на коишто најмногу им треба поддршка.