На денешната седница, членовите на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ изразиле загриженост за влијанието од експанзијата на новоформирани државни универзитети врз функционирањето на постојните универзитети.
„Во тој контекст, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје им обрнува внимание на надлежните институции во Република Македонија дека универзитетите повеќе години се судираат со сериозни проблеми, како необезбедување научен подмладок (ниту на местото на заминатите во пензија, согласно потребите за нормално функционирање), минимални средства за научно-истражувачка работа, отсуство на материјални трошоци за изведување на наставата, неформирање на Советот за финансирање на високото образование, со сите последици што тоа ги предизвикува“, пишува во соопштение на УКИМ.
Универзитетскиот Сенат очекува дека укажувањата од академската заедница ќе бидат земени предвид со сета сериозност при сите понатамошни активности и планирања поврзани со ова значајно прашање, кое е од суштински интерес за државата.