Украинската војска успеа да ги потисне руските сили до самата руско-украинска граница. Контраофанзивата од Харкив доведе до повлекување на руската војска кон север, а дел од територијалната одбрана на Украина успеала да ја поврати територијата до самата граница, јавува Би-би-си. Како резултат на ваквиот успех северно од вториот по големина град во Украина, на Русија ѝ е оневозможено со артилерија да го гранатира Харкив.
Укринформ јавува дека руската авијација изминатово деноноќие бомбардирала индустриски објекти во внатрешноста на Украина, додека утрово се слушнале експлозии во пристанишниот град Миколаив на југот на земјата. Засега нема детали за повредени и загинати лица, ниту пак кои цели се погодени.
Би-би-си ги пренесува податоците на британското Министерство за одбрана, кое објавува дека белоруските специјални единици се испратени на белоруско-украинската граница, како дополна на веќе присутните единици на противвоздушна одбрана, артилерија и војници. Британците прогнозираат дека ваквото присуство на белоруските сили на северната граница ќе ги одврати украинските власти да ги прегрупираат своите сили за да ги испратат во Донбас, односно украински војници и опрема ќе треба да останат во одбрана на украинско-белоруската граница.
Руската инвазија врз Украина ја коментираше и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тој изјави дека Украина може да ја добие војната, бидејќи инвазијата на Русија не се одвива според планираното, пренесува Би-би-си.
„Не успеаја да го заземат Кијив, се повлекуваат од околината на Харкив, нивната голема офанзива во Донбас е запрена. Русија не ги постигнува своите стратешки цели“, изјави Столтенберг.
Инаку, од почетокот на руската агресија на Украина до денес, загинаа 229 деца, додека 421 се повредени. Од борбите и гранатирањето на руските сили оштетени се 1.748 образовни институции низ Украина, додека 144 објекти се целосно уништени, јавува Укринформ./мета.мк