Земјите кои имаат популарни, добро финансирани јавни радиодифузни сервиси се соочени со помалку десничарски активизам и корупција и имаат поголема слобода на медиумите, открива извештај на Европската радиодифузна унија.
За прв пат, направена е анализа за влијанието на јавните медиумски сервиси, како што е БиБиСи врз демократијата и општеството.
По Брегзитот и подемот на десничарскиот екстремизам во Европа, извештајот го покажува влијанието на силните државни телевизии и радија врз излезноста на гласачите, контролата на корупцијата и слободата на печатот.
ЕБУ, која е основач на Евровизија, ја спроведе студијата во 25 земји откако забележа дека колку се подобро финансирани јавните сервиси на една земја, толку е помала веројатноста нацијата да подлегне на екстремизам.
Извештајот покажува дека „земјите во кои јавниот медиумски сервис е подобро финансиран имаат поголема слобода на печатот“ и онаму каде тој има поголем пазарен удел „исто така се забележува и поголема излезност на гласачите“.
Извештајот понатаму покажува дека постои силна корелација помеѓу тоа колкав дел од пазарот на земјата држи нејзиниот јавен радиодифузен сервис и „побарувачката за десничарски активизам“ и „контролата на корупцијата“.
„Овие корелации се особено интересни во контекст на постојните јавни дебати за слабиот одѕив на избори, корупцијата и подемот на крајно десничарските политики во Европа,“ вели шефот на Медиумскиот истражувачки сервис на ЕБУ, Роберт Суарез Кандел, кој го спроведе истражувањето.
„Силен и добро финансиран јавен медиумски сервис не само што им дава на луѓето вести, документарни емисии и забава – туку придонесува и кон демократијата. Иако не може да кажеме дека силни јавни телевизии и радија директно водат кон поголема демократија и помалку корупција, можеме да покажеме, за прв пат, како овие фактори се поврзани.“
„Една од основните функции на јавниот медиумски сервис е да испорачува вести, што треба да биде независна функција. Доколку тие ги имаат соодветните ресурси, ќе можат да инвестираат во новинарство и да испорачуваат квалитетни вести и јавноста повеќе ќе им верува“, вели Кандел за Гардиан
Друго истражување спроведено од Медиумскиот истражувачки сервис на ЕБУ исто така покажа дека радиото е медиум на кој јавноста во Велика Британија и поголемиот дел од Европа најмногу му верува.
Анализата на податоци од 33 земји покажува дека 55% од европските граѓани најмногу му веруваат на радиото, 48% на ТВ, додека интернетот и социјалните медиуми се на најниско ниво во повеќето земји, вклучувајќи ја и Велика Британија.
„Не нè изненадува што ТВ и радиото се медиумите на кои јавноста најмногу им верува“, вели Суарез Кандел. „Луѓето одржуваат силни врски со радиото и телевизијата, кои се сè уште примарен извор на информации и забава. Исто таке не изненадува што во земјите со добро финансирани јавни радиот и ТВ сервиси постои поголема доверба во медиумите општо – тие произведуваат квалитетна содржина и корисни информации за општеството.“
Во ЕБУ членуваат 73 европски радиодифузери, меѓу кои и BBC, ITV и Channel 4.
Извор – ССНМ