ТУРЦИЈА ЈА ОБВИНИ ГЕРМАНИЈА ЗА КУЛТУРОЛОШКИ РАСИЗАМ

Сподели

turcija-eu-zname

Турското министерство за односи со Европската Унија ја оцени како „културолошки расизам“ изјавата на германскиот еврокомесар Гинтер Отингер дека нереалистична е желбата на Анкара да влезе во ЕУ додека претседател на земјата е Реџеп Таип Ердоган.

Еврокомесарот за дигитална економија и општество Отингер за весникот „Билд“ изјави дека со сегашната ситуација во Турција, евроинтеграцијата „не е реалистична во следната деценија“.

– Ова сигурно ќе биде прашање за разговарање за периодот по (претседателот Реџеп Таип) Ердоган – рече Отингер, додавајќи дека Анкара е геостратешки и економски партнер на ЕУ и оти круцијално е да се одржуваат здрави билатерални односи.

Преговорите меѓу Анкара и Брисел за членство во ЕУ беа обновени минатата година по договорот на ЕУ и на Турција за запирање на бегалскиот бран кон Европа. За возврат, Брисел требаше да даде визна либерализација за жителите на Турција. Сепак, Брисел ја условува визната либерализација со исполнување на 72 услови, меѓу кои е владеењето на правото. Бројни високи претставници на ЕУ ја обвинија Турција дека го уценува Брисел и оти се однесува „како на пазар“ со тоа што сака без да ги исполни критериумите, да добие укинување на визите.

Според претставниците на ЕУ, Турција не успеала да ги исполни најважни услови, како што е измена на антитерористичките закони.

meta.mk