Уметник со сопствена еволуција – Миле Корубин 1922-2000 во Чифте амам

Сподели
 
Чифте амам, 28 септември
 
Миле Корубин − уметник со сопствена еволуција
„Секоја слика ја сметам за незавршена.
Нејзиното завршување се остварува во следната слика и така натаму.
И, можеби, сите тие слики заедно значат едно оформено уметничко дело.“
Миле Корубин
(Абаџиева, Соња, „Насликаното поле за медитација“,
Скопје: Уметничка галерија, 1995, стр. осум)
 
Поттик за организирање омаж посветен на Миле Корубин (роден на 28 септември 1922 година во Прилеп, а починал на 13 септември 2000 година во Скопје), еминентен македонски сликар, е одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање. Овие јубилеи се базични поводи преку кои Националната галерија, како институција која седум и пол децении се грижи за чувањето и заштитата на дел од движното културно наследство од историјата на уметноста на нашата земја, континуирано ги презентира врвните национални културни достигнувања. На оваа примарна визија, мисија и функција се надоврзуваат и нашите заложби за константно потсетување за особените специфики на значајните легати од творештвото на големите уметници од модерното македонско сликарство и скулптура, преку селекција и претставување дела кои се наоѓаат во повеќе државни и јавни институции од земјава, како и во приватни колекции.
Но, јубилејните изложби на истакнатите македонски уметници што Националната галерија ги подготвува во континуитет многу често ја надминуваат рамката на формалното официјално одбележување, бидејќи истовремено овој тип изложби даваат и ретроспективен пресек, овозможувајќи потемелен увид во творештвото и развојниот пат на авторите. Оттука, секогаш настојуваме поставката да ја збогатиме и со дела кои ретко или воопшто не биле презентирани пред јавноста. И, секако, една од најважните компоненти е желбата да оствариме и едукативен импакт, со цел културната јавност да добие поширока перспектива за развојот на едно творештво, кое, од своја страна, во одреден историски период извршило влијание врз некои текови во македонската современа уметност.

Ако го лоцираме просторно-временски авторот Миле Корубин, за почеток ќе споменеме дека тој ѝ припаѓа на првата генерација ликовно образовани македонски уметници кои, по Втората светска војна, се школуваа во центрите на југословенската држава (Белград, Загреб, Љубљана). Имено, по отворањето на Уметничката школа во Скопје, тој станува еден од нејзините први ученици, каде што посетувал настава кај бардовите основоположници на македонската ликовна мисла: Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димо Тодоровски, Василије Поповиќ-Цицо и Томо Владимирски. Миле Корубин е воедно и првиот академски образован македонски сликар по Втората светска војна, дипломиран 1951 година на Ликовната академија во Белград, каде што ги следел педагошките поуки од професорот Мило Милуновиќ, а потоа особено од Петар Лубарда и подоцна на Миќа Поповиќ, како дел од сликарската елита на тогашна Југославија.
Ако земеме предвид дека педесеттите години од 20. век во југословенската уметност претставуваат ослободување на ликовната мисла, соодветно на попрогресивното отворање на политичката мисла кон актуелните текови на светската сцена, сосема очекувано, и во македонската уметност се случува осовременување на ликовниот израз и надминување на каноните на традиционалното и класичното сликарство (експресионизам, импресионизам, реализам). Под влијание на актуелните западни современи стилски движења во Македонија се внесуваат и се развиваат тенденциите на енформелот, геометриската, лирската и експресионистичка апстракција, но и на надреализмот и фантастиката во автохтон контекст.
Говорејќи поконкретно за местото на Миле Корубин во генерациски рамки, тој, сепак, претставува издвоен автор кој наспроти предизвикот на новите ликовни струења избира сопствена еволутивна патека и создава карактеристичен ракопис. Тоа го потврдува и тогашната ликовна критика, која уште на самиот почеток на неговиот творечки развој го препознава како сликар што оди „спротивно од струјата и удобниот наплив на модата“.
Постакадемскиот период на Миле Корубин се карактеризира со прогресивно размислување и расчистување со соцреалистичките влијанија, иако, условно, сè уште се чувствува реалистичка интерпретација во третманот на мотивите. Генерално земено, авторот реферира на одредени тенденции од светската историја на уметноста. Имено, антиципирајќи го линеаризмот како доминантна нишка која ја обликува атмосферата во неговите дела (особено портретите) во 60-тите години, сепак се чувствува призвукот на ренесансните портрети и интересот за толкување на мотивот со основни контури и контрастни површини без детализирање, карактеристични за египетската уметност. Но, во третманот на фигурата наспроти позадината се чувствува обединување на „егзотичното, надреалното, бизарното и прави смела синтеза на геометризмот (фон) со фигурацијата на Гоген/Ван Донген (форма, колорит) (…) Перфектната физиономска стилизација, надреалистичкиот инкарнат и плошноста (како замена за илузијата на перспективата) создаваат едно парадигматично портретско ремек-дело, за времето и за авторот подеднакво“. (Абаџиева, Соња, „Миле Корубин“, Скопје: Музеј на современата уметност, 2001, стр. 14)
Стремежите за претставување на поинаквото доживување на реалноста и за откривањето на метафизичката страна на светот во Македонија се среќаваат во 6-тата деценија на 20. век (односно веќе од средината на 50-тите години наваму). Оттука, во делата на Миле Корубин, предметите и пејзажите, симплифицирани во својата надворешна специфична појавна форма проникната со апстракција, редуцирани на нивните основни контури, потонуваат во надреална атмосфера, базирана врз монументалниот пристап во третманот на стварно и имагинарното, плод на инспиративните места на неговата фантазија. Уметникот го разоткрива тајниот свет на предметите и појавите, некогаш и човечките фигури кои како привиденија лебдат или се лежерно поставени во просторот, оддавајќи чувство на мистично талкање. Се провлекува меланхолично исчекување кое го исполнува платното со носталгична, напати и еротска сензуалност, како „залутана поезија“ чија намера е лирски да допре до замаглената скриена смисла на малите и далечни нешта.
Во овој период се појавува неговиот карактеристичен симболично-надреален специфичен деформиран амбиент, исполнет со „елементарно, меко, тивко и глуво спокојство на атмосферата“. Значителен дел од остварувањата носат своевидни реминисценции од визуелните и ликовни доживувања на различни поднебја, кои продлабочено ќе ги развие во наредните дела, а настанати под непосредно влијание на новите животни искуства – престојот во Израел (1960), Скопскиот земјотрес (1963) и студискиот престој во Париз (1963). Атмосферата е изразена со мирна развојна линија и разновидни геометриски стилизирани мотиви кои претендираат кон чисти апстрактни решенија, би рекле со личен белег во конструктивните концепции, дводимензионално решени и слободно претставени во просторот; со афинитет за лесен цртеж и отсуство на перспектива. Вклопени во едно интимистичко доживување, бојата и формата се претопуваат, одразувајќи ја карактеристичната метафизичко-трансцедентална атмосфера на блискоисточните пејзажи, каде што и покрај отсуството на човечката фигура, низ треперењето на воздухот, низ флуидната светлина и плохите со комплементарни бои, се чувствува присуството на животот. За надреалната меланхолија во делата на Миле Корубин, Соња Абаџиева забележува: „Израелските пејзажи на Корубин, во сиот блескот на сонцето, укажуваат на пејзаж обележен со знаците на минливоста на цивилизациите, на призори во кои рушевините или едноставните рамни форми на архитектурата на морето, планините, или на куќите, загатнуваат нешто од катастрофичното и оттука вградуваат дух на меланхолија и романтизам, исто така специфични за Балканот и Медитеранот едновремено“.
Секоја линија, цртичка во ова сликарство, всушност, има своја улога во градењето на симболичната до аркадиска и космичка сценографија, која со својата сенишна сонливост ги подотвора вратите на едно фантастично доживување во недефиниран простор. Токму оваа медитативност го одразува ставот на авторот, кој вели: „Моите слики се повеќе визии, не се непосредно гледани од природата или поточно тие се плод на мојата фантазија. Формата, во ликовна смисла гледам да биде што повеќе спиритуална, дематеријализирана“. (Драгица Стоилковска, „Лирски контекст“, Скопје: Студентски збор, 12.1.1970)
Значаен сегмент, воедно и присутен во сите фази на неговото творештво, е сензуалноста што зрачи од женските фигури и портрети и произлегува од интимното доживување на еротизмот како „раздвижувачка сила на човековиот дух“. Сместени повторно во лирски метафизички недефиниран простор, овие стилизирани и идеализирани женски претстави (портрети и актови) ја сугерираат вечната потрага по убавото испреплетувајќи го притоа реалното со имагинарното во третманот на фигурата и просторот. Фигурите, третирани без карактеристични физиономски одлики, добиваат своевидна митолошка конотација, раскажувајќи една суптилна приказна за вонвременската архетипска претстава за жената. Оттука, меката заоблена линија која го обликува женското тело, поставено слободно во метафизички обоениот простор со широки контрастни плохи, воедно и го издвојува од истиот станувајќи носечки елемент кој го следиме и во понатамошните фази.
Женската фигура е опуштена, седната или легната и зрачи со егзотична убавина која произлегува од силното чувство за релаксација и уживање во животот. Без портретни карактеристики, со само назначени основни црти на лицето, тие се чини дека живеат надвор од времето и просторот, правејќи мост помеѓу архетипското и современото, возвишувајќи ја загадочната женска убавина. Линеаризмот и карактеристичниот маниризам кој реферира на одредени примери на историјата на уметноста од праисторијата до совремието, создаваат контемплативна атмосфера која во континуитет го издвојува како автор од актуелните тенденции во македонската современа уметност во втората половина на 20. век.
Во еволутивниот развој на Миле Корубин и претходно се забележуваше интерес кон нематеријалното и асоцијативно претставување на нештата. Следејќи ја својата издвоена логика, во осмата деценија на 20. век, авторот се насочува кон постапно прочистување на формата, испреплетувајќи ги мотивите од националната традиција преку карактеристичните форми и контрастен колорит (од македонските килими, везот, понатаму и пафтите) како реминисценции од минатото, со тенденциите и елементите на геометриската апстракција (Маљевичевиот квадрат во квадрат, Мондријановата мрежа итн.). Суптилната синтеза на ликовните елементи (форма, боја, планови, структура, текстура, композиција…), еволуира во сликарски дела кои имаат асоцијативен призвук на колаж, витраж, асамблаж, мозаик.
Интересот кон апстракцијата и беспредметното во деветтата деценија резултира со „стилизирано апстрактно сликарство“, односно сведување на формата до нејзината основна/примарна елементарност. Овие нови слики го содржат препознатливото чувство на поетска манифестација на потсвесното, тие зрачат со „хармонија на чисти елементи“, визуелни симболи и знаци со заоблени форми, кои лебдат во чист простор со спиритуална флуидна атмосфера, изведени со широка хроматска скала која наметнува извесна „психологија на колоритот“. Лиризмот на интимното и личното преку универзалната симболика на кругот и/или нуклеусот, потенциран преку контрастната палета на нивното космичко движење, прераснува во контемплација за колективната свест на човештвото. Како што наведува самиот автор, сликите се негов „имагинарен свет“ со „тенденција за духовно провоцирање на човекот“, „реалност на нереалното и допир на недопирливото“. Во последниот циклус слики се чувствува „…еден модерен, космички пулс, љубопитство по знаци на незнајното, трансцеденталното, бескрајот: од сеќавање на материјата (Нуклеус), до апокалиптичен ужас (несоница). Миле Корубин со тоа ја спојува сета национална традиција, со еден универзален свет, со цивилизациски немир и модерни прашања за ликовната форма во уметноста.“ (Наневски, Душко, „Миле Корубин“, Скопје: Уметничка галерија − Скопје, 1983)
Временскиот опсег од петдецениска творечка дејност го вбројува Миле Корубин меѓу најплодните македонски сликари, воедно и педагози. Неговата стварност, трансформирана низ сликарските визии, со специфичен ликовен ракопис, манифестира сопствена логика на „патувањето“ од предметното кон непредметното, односно од конкретната реалност до апстрактното. Тенденциозно избегнувајќи ги трендовите, метафоричкиот лирски пристап се чувствува и се развива следејќи ја имагинацијата од конкретноста, па сè до геометриската асоцијативност. Притоа, како константа секогаш доминираат потсвесно воспоставената хармоничност и редот на елементите во просторно смирената до „блажено“ лебдечката композициска структура. Неговиот луциден сликарски јазик и урамнотежени ликовни ориентации се наклонети кон естетизацијата, редуцирањето на сликарскиот израз, отстапувањето од перспективата, ослободувањето на чистиот простор на атмосферата, кон егзотиката и мистицизмот преку лиризмот на чистата форма, што го издвојува како автор посветен на истрајноста и доследноста на сопствената мисла.