Управниот суд сè уште не донел одлука за тоа кој ќе управува со топловодната мрежа во Скопје

Сподели

 

Управниот суд сè уште нема донесено пресуда за тоа кој ќе управува со дистрибутивната мрежа на топлинска енергија во главниот град во иднина. АД Градски енергетски системи (ГЕС) на 3 декември 2019 година поднесе тужба против Решението на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за прекин на постапката за издавање на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија, но до денешен ден нема одлука од страна на управните судии.

Од АД ГЕС за „Мета.мк“ информираат дека единствено имаат информација дека судскиот процес е отпочнат и дека очекуваат Управниот суд да го поништи Решението на РКЕ и да го префрли управувањето со дистрибутивната мрежа на Град Скопје. Тие тврдат дека Регулаторната комисија ги има сите документи кои го потврдуваат АД ГЕС-Скопје како носител на правото на трајно користење на топловодната мрежа во градот.

Наспроти нив, претседателот на РКЕ Марко Бислимовски пред еден месец излезе со поинаков став.

– За онаму каде што Градски енергетски системи ќе ни покаже дека има свои основни средства, апсолутно може да добие лиценца, но и тоа најбрзо би можело да се случи пред сè за Скопје Север, а потоа може да се случи и во делот на Железара во делот на Енергетика. Тоа треба помеѓу себе да се договорат Градски енергетски системи и Енергетика, бидејќи тоа е сопственост на Електрани на Северна Македонија и треба да се најде соодветен начин на кој тие средства би се дале на користење на Градски енергетски системи – изјави Бислимовски.

Од АД ГЕС информираат дека активности за склучување на договор за закуп на дистрибутивната мрежа во сопственост на ЕСМ-Подружница Енергетика не се започнати, но тие се подготвени и се чека одлука на Град Скопје. Сепак, тие потенцираат дека претпријатието под капата на Градот минатата есен доставило барање за издавање на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија за мрежите на БЕГ и на Скопје Север. Тие тврдат дека АД ГЕС има трајно право на користење на двете дистрибутивни мрежи, евидентирани во имотните листови.

– Датумот на отпочнувањето со дејноста зависи само од РКЕ на РСМ за веќе поднесеното барање – велат од АД ГЕС.

И додека одлуката за тоа кој ќе управува со дистрибутивната мрежа на топлинска енергија е во рацете на управните судии, документите покажуваат дека со години наназад во Скопје нема развој на дистрибутивната мрежа. Должината на топловодната мрежа е постојано иста, таа изнесува 275 километри, додека трите различни дистрибутивни мрежи на топлинска енергија во Скопје не се меѓусебно поврзани. Поради ова, корисниците на парно греење во различни делови на градот плаќаат различна цена за топлинската енергија и ангажираната моќност.

meta.mk