Уште една пресуда за „Насилството во Центар“ на СЈО

Сподели

Кривичниот суд-Скопје денеска треба да ја донесе пресудата за петообвинетиот во предметот на СЈО „Насилство во Центар“ Јордан Ристевски, кој вчера на рочиште самоиницијативно призна вина.

Судењето на останатите останати 13 обвинети во предметот „Насилство во Центар“, е закажано за 7 декември.
Обвинетиот Ристевски ја призна вината и пред судијата и обвинителите од СЈО, одлучи да се застапува сам, без помош од адвокат. Неговиот досегашен бранител Боро Ристевски, го откажа полномоштвото за застапување, бидејќи, како што кажа, и самиот е изненаден од признанието на вина на неговиот клиент.

– По минатото рочиште откако ги разгледав делата за кои сум обвинет, сакам да кажам дека го признавам стореното и чувствувам длабоко каење – рече Ристевски вчера во судницата.

Претходно, вината ја призна и се покаја и актуелниот советник од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Центар, Томислав Лазаров, за што доби шестмесечна условна затворска казна.

Обвинителката Фетаи вчера рече дека очекува одлуката која ќе ја објави судот да биде иста пресуда како во случајот со Томислав Лазаров.

На вчерашното рочиште присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој е обвинет во предметот, а на излегување од судницата изјави дека не се чувствува виновен за обвинението и дека не се плаши од никаква санкција.