Вајгл-Кукан: ЕУ да ги почитува своите ветувања за Македонија

Сподели

 

Откако еврокомесарот Јоханес Хан во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) претпладнево го презентираше најновиот извештај на Европската Комисија (ЕК) за Македонија и Албанија, со кој се бара почеток на преговори веднаш, пратениците Едуард Кукан и Иво Вајгл, кој е известувачот на парламентот за Северна Македонија, побараа ЕУ и понатаму активно да биде вклучена во поддршка на двете земји, но и да ги исполни своите ветувања за почеток на преговори.

– Комесаре Хан, овој ваш извештај е многу важен, може да се нарече трилер на годината. Овој извештај треба да биде поттик за колегите и сметам дека и Северна Македонија и Албанија заслужуваат што препорачувате – рече Кукан во обраќањето по говорот на Хан, кој препорача ЕУ веднаш да почне преговори за зачленување со Македонија и Албанија.

Сепак, Кукан напомена дека ЕУ и понатаму мора да врши позитивен притисок врз Македонија.

– Вие правилно споменавте што треба да правиме, но исто така и ние мора да ги ревидираме инструментите што ги имаме за за да извршиме позитивен притисок. Ако тоа не се случи, нашиот кредибилитет и авторитет ќе ни се слизнат од раце. Тоа е посебно важно, бидејќи уште има безбедносни прашања во регионот – рече Кукан.
На важноста на извештајот и препораката, но и на обврските на ЕУ кон Македонија, потсети и известувачот за земјава, Иво Вајгл, кој напомена дека стабилен Западен Балкан е клучен за Европа.

– Денеска зборувам за регионална стабилноста, а ако сакаме стабилна Европа мора да има солиден, демократски, Западен Балкан како цело. Го поддржувам извештајот, комесаре, Вие завршивте одлична работа и многу се вклучивте во решавање на проблемите. Но јас како известувач за Северна Македонија, сакам да напоменам дека не треба да се зборува само за заслугите, туку и за ветувањето за земјава. Им кажавме дека ако постигнат договор со Грција ќе следи датум, па решителноста на земјата треба да се почитува. Инаку ЕУ ќе го загуби кредибилитетот – порача Вајгл.