Вакцинацијата против сезонски грип од идната недела

Сподели

 

Вакцините против сезонски грип денеска пристигнуваат во државава и ќе бидат распределени по центрите за јавно здравје, а вакцинацијата, како што информираа од Центарот за јавно здравје Скопје, ќе почне на стартот на идната недела. Ова за МИА го потврдија од Министерството за здравство.

Вакцините се производ на француската фармацевтска компанија „Санофи Пастер“.

Вкупно се набавени 40.000 дози на четири типни вакцини кои се наменети за бесплатна вакцинација на следните дефинирани ризични групи: стари лица на возраст над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години.

Сезонската имунизација против грип во ЈЗУ Здравствен дом Скопје, ќе се одвива во шест поликлиники на територија на град Скопје и тоа во Ѓорче Петров, Букурешт, Чаир, Бит Пазар, Ченто и Јане Сандански.

Измунизацијата ќе биде со упатување од матичен лекар преку системот МојТермин, во периодот од 14 до 19 часот. Kомерцијалните вакцини против сезонски грип ги набавуваат центрите за јавно здравје, каде и ќе се врши вакцинирањето. Центарот за јавно здравје Скопје ќе набави 4000 вакцини, а цената ќе биде по 800 денари, потенцираат од Министерството за здравство.